Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според ИТ-експертите со кои се консултиравме, на Балканот, вклучувајќи и во Македонија, веќе почнува да се шири епидемија на сајбер-злоупотреби, кога корисникот е наведен да „кликне“ на порака добиена од испраќач што му е веќе познат на корисникот: негова депонентна банка, негов познат доставувач или услуга за испорака. Познатото лого не го наведува корисникот на никакви сомнежи, но всушност е доволно само уште малку ИТ-знаење за да се разбере дека станува збор за измама

Зошто интернет-експертите предвидуваат дека во претстојната година ќе имаме многу поголем број сајбер-предизвици

Претстојната 2024 година носи големи сајбер-предизвици за сите државни и финансиски институции, правни субјекти, како и физички лица. Развојот на вештачката интелигенција ги крена на нозе сајбер-експертите, кои велат дека наредната година ќе треба многу да се работи на зајакнување на сајбер-сигурноста и одбраната, бидејќи се предвидува зголемување на сајбер-нападите, злоупотреба на системите за директни плаќања, а ќе се појават и ризици за работењето на компаниите.

ПОРАСТ НА ЗЛОУПОТРЕБИТЕ НА ЛЕГИТИМНИТЕ КАНАЛИ ЗА КОМУНИКАЦИЈА

Сајбер-експертите велат дека нападите со вештачка интелигенција, кои имитираат легитимни канали за комуникација, се очекува да се зголемат.
– Постои опасност сајбер-криминалците да ја искористат популарноста на системот за директно плаќање, што може да доведе до појава на „малициозен софтвер“ и поголема употреба на тројанци во мобилното банкарство – велат експертите.
Според нив, на Балканот, како и во Македонија, веќе наголемо се шират различни видови злоупотреба во случаи кога корисникот е наведен да „кликне“ на порака добиена од банка, доставувач или услуга за испорака. Познатото лого не го наведува на никакви сомнежи, но всушност е доволно само уште малку ИТ-знаење за да се разбере дека станува збор за измама.
– Кај нас сега повеќе се купува преку интернет од странство, а тоа се пакетите што треба да се чекаат подолго. Одеднаш клиентот добива порака што, наводно, доаѓа од поштата, царината или некоја светски позната услуга за испорака. За повеќето корисници, доказ дека пораката е точна е всушност познатото лого на компанијата. Во пораката вообичаено пишува дека треба да плати некоја сума (најчесто занемарлива) за конечно да го добие пакетот. Без да го провери доменот од кој е испратена, клиентот ја отвора пораката и почнува да го пополнува формуларот за плаќање, со бројот на картичката, рокот на траење и контролниот број. Од тој момент, тие податоци се подготвени за продажба на „даркнет“, а може да се случи за краток временски период да се извршат повеќе трансакции или да се повлече поголема сума на пари – објаснуваат тие.

ДОМЕНОТ ДА СЕ ПРОВЕРИ

Сајбер-експертите предупредуваат дека не секој што користи интернет денес има доволно искуство со типични онлајн измами и злоупотреби.
– Мнозинството корисници немаат основни вештини за информатичка технологија, но тоа не ги спречува да користат сѐ поголем број нови услуги. Тоа ги прави чести жртви на постојано повторувани класични сценарија во кои се измамени – велат тие.
Како корисниците можат да се заштитат од овие чести „напади“, како што се лажни пораки што се користат за класична кражба на податоци?
Експертите велат дека е важно најпрво, без разлика дали логото на компанијата што контактира со нас изгледа добро, мора да го провериме доменот од кој е испратена пораката. Во самиот текст се гледаат јазични неправилности. Дигитална мамка е и тоа што текстот е на кирилица, бидејќи повеќето компании користат латиница во вакви пораки.
– Затоа е неопходна здраворазумска претпазливост при сите операции со кои му пренесувате некому лични податоци на интернет, особено оние од финансиска природа – предупредуваат познавачите.