Во електропечката на „Макстил“, покрај осум тона марихуана, се уништени и околу 100 килограми хероин, хашиш, кокаин, над илјада растенија, семки од канабис, како и 1,2 милион парчиња психотропни супстанции, што претставува најголемо уништено количество запленета дрога досега, која на црниот пазар би достигнала вкупна вредност од 26 милиони евра

Досега најголем обем на уништена дрога, МВР чека судска пресуда за уште поголемо количество

Десет тона различни видови наркотични дроги, кои биле одземени до август 2022 г., а за кои веќе се завршени судските постапки, неодамна со палење беа уништени во електропечката на „Макстил“. Најголем дел од дрогата наменета за уништување беше марихуана, дури 8,2 тона. Од Министерството за внатрешни работи додаваат дека „на уништување чека големо количество дрога, како резултат на континуираната борба против нелегалната трговија со наркотици, но за неа мора да се почека, за најпрвин да се добие судска пресуда“.

ВО МАКЕДОНИЈА НАЈМНОГУ СЕ ЗАПЛЕНУВА МАРИХУАНА

Во електропечката на „Макстил“, освен марихуана, се уништени и околу 100 килограми хероин, хашиш, кокаин, над илјада растенија, семки од канабис, како и 1,2 милион парчиња психотропни супстанции, што претставува најголемо уништено количество запленета дрога досега, која на црниот пазар би достигнала вкупна вредност од 26 милиони евра.
Како што нагласи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, ова досега најголемо количество уништена дрога е резултат на многуте оперативни акции и континуираните активности што МВР ги спроведува во изминатите неколку години, со цел спречување на нелегалната трговија со дрога и прекурсори, при што само во периодот јануари-јули 2022 година како резултат на овие активности беше запленета дрога во вредност од 205,5 милиони евра, која ќе биде уништена по завршувањето на законски предвидените процедури, беа сузбиени девет организирани криминални групи и беа спречени седум меѓународни транспорти.
Од МВР брифираа дека запленетата дрога не се гори на годишно ниво, туку кога ќе се собере доволно количество за уништување. Инаку, целата акција на транспорт и ништење на дрогата беше спроведена со максимална безбедност и во строго контролирана средина, а „Макстил“, со отстапување на своите капацитети, уште еднаш се потврди како компанија што активно соработува со надлежните институции и органите на власта, демонстрирајќи ја својата општествена одговорност за прашања од јавен интерес.
– Како модерна компанија за преработка на железо, со секојдневното работење, „Макстил“ во континуитет придонесува за државата и заедницата, како од економски аспект преку нашата работа и влијанието врз домашната индустрија така и преку нашата функција во општествената сфера. Токму во таа насока е и денешната акција, за која за потребите на државните органи целосно ги ставаме на располагање нашите капацитети, материјални, просторни и човечки. „Макстил“ располага со соодветни услови, но и знаење за спроведување акција од ваков вид, која мора биде спроведена во целосно контролирана средина, а наедно и безбедна по околината. Тоа што државните органи ни ја доделија довербата нам за исполнување на оваа одговорна задача, говори и за општата клима на соработка меѓу институциите и индустриските капацитети, но и за високите стандарди на работа на „Макстил“ – истакна директорот за економика на „Макстил“, Петар Јанески.

РАСТЕ ИНТЕРЕСОТ ЗА КОКАИН

Акцијата за уништување на запленетата дрога уште еднаш го актуализира прашањето за борбата против трговијата со наркотици на глобално ниво. Според извештајот што уште минатата година го објави Европол, кокаинот станува доминантен и сѐ попрофитабилен за криминалните организации, бидејќи во трговијата со оваа дрога, веќе се исфрлаат посредниците, а оние што работат со кокаин директно стапуваат во контакт со производителите и самите ја набавуваат дрогата. Со тоа во Европа порасна понудата на оваа дрога, но и бројката на нови кланови, меѓу кои се и оние од Западен Балкан, кои самостојно дејствуваат со понуда на кокаин.
Јулија Видма, раководителка на Одделот на Оперативниот и аналитичкиот центар во Европол, истакна дека трговијата со кокаин е еден од клучните безбедносни проблеми со кои се соочува ЕУ.
– Речиси 40 отсто од криминалните групи активни во Европа се вклучени во трговија со дрога, а трговијата со кокаин генерира криминален профит од повеќе милијарди евра. Подоброто разбирање на предизвиците со кои се соочуваме ќе ни помогне поефикасно да се спротивставиме на насилната закана што мрежите за трговија со кокаин ја претставуваат за нашите заедници – истакна таа.
Според извештајот, кокаинот е втората најчесто користена дрога во Западна и во Централна Европа. Според процените направени заклучно со оваа година, дури 4,4, милиони лица се корисници на оваа дрога.

МАКЕДОНИЈА ДЕЛ ОД БАЛКАНСКАТА МАРШРУТА ЗА ШВЕРЦ, НО И РЕДОВЕН ПАЗАР

Албанската полиција во јуни годинава, во пристанишниот град Драч заплени 45,5 килограми кокаин, чија крајна дестинација била Македонија.
– Дрогата, пакувана во 40 пакетчиња, беше откриена при детална контрола во контејнер натоварен во Бразил, со пилешко месо, на сметка на трговски субјект од Северна Македонија – стои во полициското соопштение.
Како што можеше да се види од фотографиите што ги објави полицијата, пакетчињата со кокаинот се завиткани со фотографии од анимираниот филм „Драгон бол“.
Кон крајот на мај месец, исто така во Драч, полицијата заплени 59 килограми кокаин во бродот „Унистрим“ од Колумбија натоварен со јаглен.
Заплените на дрога се значителни и од страна на македонската полиција, а за тоа говори и фактот што огромно количество дрога беше уништено во печките на „Макстил“.
Според Светската здравствена организација, околу 270 милиони луѓе (или околу 5,5 отсто од светската популација на возраст од 15 до 64 години) користеле психоактивни дроги во претходната година и се проценува дека околу 35 милиони луѓе се погодени од нарушувања поради употребата на дрога.