Социјалните мрежи не можат да бидат сигурен извор на информации во врска со печурките

Многупати досега излегле на површина контроверзни, па и штетни написи, тенденции, па дури и поведенија промовирани на социјалните мрежи. За жал, многу од нив биле и мотивирачки случаи, каде што исходот од нивното користење завршил со трагичен крај за нечиј живот. Исмејување, уценување и малтретирање се само некои од проблемите што секојдневно се евидентираат од страна на експертската јавност, а последно во низата опасни по живот е барањето совети за безбедност на печурки набрани во делови од земјава

СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ НУДАТ И ЛЕК И ОТРОВ, НО КОЈ ДА ЗНАЕ ШТО Е ШТО

Фејсбук има десетици групи за здрава храна, готвење и исхрана, во кои членуваат огромен број лица од земјава. Во овие групи најчесто се споделуваат рецепти за торти, пити, колачи, месо, декорација и многу други кулинарски работи. Исто толкав е бројот на групи посветени на оние што шетаат низ македонската природа и фотографираат шумска храна, па бараат совети за какви овошја, тревки и печурки станува збор.
И сето тоа е убаво, доколку во одредени моменти не претставува ризик по нечиј живот и безбедност на цели семејства, па и фамилии.

ОД НЕПОЗНАТИ ЛИЦА СЕ БАРААТ СОВЕТИ ЗА БЕЗБЕДНОСТА НА ПЕЧУРКИТЕ?!

Токму во ваквите групи многу често може да се види како луѓе бараат совети од членовите за безбедноста на „пронајдени и набрани печурки“ во земјава.
Па, така, најчестите прашања се дали оваа печурка е безбедна за јадење, каков вид печурка е оваа и слично, притоа слепо верувајќи им на членовите што даваат свое мислење и суд за безбедноста на габата.
Познавачите на печурките и долгогодишни членови на овие групи велат дека постојано апелираат до лаиците да не си играат со своите животи, меѓутоа залудно.
– Милион пати напишав да не се прашуваат членовите за каков вид печурка станува збор, но залудно. Упорно објавуваат и бараат совети од случајни лица и не ми е јасно како им ја даваат довербата за сопствениот живот на непознати лица – вели администратор на една таква група, кој сакаше да остане анонимен.
Тој вели дека и оние печурки што се јадат имаат свои отровни двојнички, кои се смртоносни, а чии разлики се речиси невидливи за лаиците.
– Голема е бројката на печурки што имаат свои двојнички. Неодамна имавме случај во кој беше објавена фотографија од печурка за која многумина тврдеа дека е од видот смрчак и дека е безбедна за јадење, а дополнително некои од нив упатуваа да се набере и продаде, бидејќи цената достигнувала и до 50 евра. Без никакво размислување фрчат совети дека е безбедна и многу вкусна за јадење, а тие што објавиле, пак, уште прашуваат како да ја приготват. Постојано апелирам и барам од членовите да не даваат такви совети, бидејќи некој навистина може да почине од само еден мирис – вели тој.

Бројот на труења се зголемува со доаѓањето на дождливиот есенски период

Секоја пролет и есен, кога дождовите се со зголемен интензитет и влагата е поголема, а температурите сё уште не се толку ниски, се отвора таканаречената „сезона на затруени со печурки“.
Брзата помош не добива пријави по ова прашање, меѓутоа апелира до граѓаните да бидат внимателни.
– Смрт е најсериозната последица што може да настане од изедена отровна печурка. Инаку, другите симптоми се труење проследено со главоболка, дијареја, повраќање, вртоглавици… Кај нас нема такви случаи, бидејќи речиси веднаш сите се упатуваат на Токсикологија – вели д-р Милица Бубало, раководителка на Итната медицинска помош (ИМП) при Здравствениот дом во Скопје.
Според д-р Нико Беќаровски, директор на Универзитетската клиника за токсикологија, труењата со печурки се зголемуваат пропорционално со појавата на дождовите.
– Секогаш имаме зголемен број труења по дождливи денови. Имаме случаи кога токсичноста е мала, но во изминатите 20-30 години сме имале случаи кога цели фамилии умирале како последица на труење – вели тој.
Беќаровски апелира до граѓаните да бидат внимателни, бидејќи залудно ги фотографираат печурките, затоа што ако во само еден дијаметар околу неотровните печурки има само една високотоксична, истата таа, подземно, може да ги затруе и другите, па и тие да станат екстремно отровни.

ГЛАСЕН АПЕЛ ОД АГЕНЦИЈАТА ЗА ХРАНА И ВЕТЕРИНАРСТВО

Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека како одговорна институција за безбедноста на храната и здравствената заштита на животните, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ја контролира работата на одобрените/регистрираните оператори со храна, односно на сите што се внесени во легалниот синџир на производство и трговија, вклучувајќи ги и оние што вршат електронска продажба на своите производи.
– Апелираме до граѓаните да бидат свесни и одговорни потрошувачи и да не наседнуваат на непроверени и непотврдени информации кога станува збор за продажба на храна, вклучувајќи и на шумски производи (печурки) преку социјалните мрежи и преку веб-платформи на нерегистрирани/неодобрени оператори. За таквите производи не само што нема гаранција за безбедност туку некои од нив може да бидат и опасни по човековиот живот и здравје – апелираат од АХВ.
Оттаму додаваат дека секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната од одобрените/регистрираните оператори, потрошувачите можат да ја пријават во Агенцијата лично, писмено, електронски на [email protected], или на бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22.