Статистиката открива дека дури 15 деца на возраст до 14 години извршиле кражба, а 37 деца до истата возраст извршиле тешка кражба.
Понатаму, две деца нелегално одзеле моторно возило, а осум добиле кривична пријава за извршено дело насилство. Поголеми прекршувања на Кривичниот закон реализирале малолетниците на возраст од 15 до 18 години. Кражба и тешка кражба извршиле 274 деца. Педесет малолетници одзеле моторно возило, а 17 пак ја загрозиле безбедноста на сообраќајот. Дури 66 малолетници добиле кривична пријава за насилство, а 18 за дрога… Ова е негативен општествен феномен за кој треба да се алармира и инстантно да се мобилизира системот…

Вандализам, дрога, кражби и други видови малолетничка деликвенција сѐ почесто стануваат секојдневие, и тоа не само на Балканот туку и кај нас. Речиси секојдневно сме сведоци како малолетни лица, особено оние на возраст од 13-14 години, уништуваат детски игралишта, а во полициските билтени сѐ почеста е бројката на деца што биле замешани во кражби или, пак, некаков вид поврзаност со дрога. За жал, малолетничката деликвенција се шири како вирус помеѓу младите, па, така, тие со таквото однесување мислат дека се во тренд и токму затоа и редовно ги практикуваат таквите однесувања.

РАЗЛИКИ ВО ВОЗРАСТА И ВО КРИВИЧНИТЕ ДЕЛА

Слободно можеме да кажеме дека малолетничката деликвенција зазема сѐ поголем простор во црните хроники во регионот. И ако соседна Србија предничи и има катастрофално лош „рејтинг“ кога станува збор за криминалното поведение на малолетниците, особено во последнава година, кога имаше многубројни инциденти што завршија со смртен исход, ништо подобра не е сликата ниту во нашата земја, иако кај нас, за среќа, ситуацијата не изгледа како да е „надвор од контрола“ како кај нашиот сосед.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи, нашите малолетници најмногу го прекршуваат законот со кражба и тешка кражба, одземање моторно возило, загрозување на безбедноста во сообраќајот, насилство и, за жал, неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Па, така, за период од девет месеци, поточно од јануари до септември годинава, вкупната бројка на деца што направиле кривични дела изнесува 487.
Вкупно 77 деца извршиле кражба, а дури 249 тешка кражба. Моторно возило одзеле 52 малолетници, а 17 ја загрозиле безбедноста во сообраќајот. Дури 74 деца биле насилни, а 18 биле замешани во неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.
Децата на возраст до 14 години не се занимаваат со дрога, но затоа крадат. Дури 15 деца на возраст до 14 години извршиле кражба, а 37 тешка кражба. Две деца одзеле моторно возило, а осум добиле кривична пријава за насилство.
Поголеми прекршувања на Кривичниот закон реализирале малолетниците на возраст од 15 до 18 години. Кражба и тешка кражба извршиле 274 деца. Педесет деца одзеле моторно возило, а 17 пак ја загрозиле безбедноста на сообраќајот.
Дури 66 добиле кривична пријава за насилство, а 18 за дрога.
Деца до 14 години добиле 62 кривични пријави, а децата од 15 до 18 години извршиле 425 кривични дела.
И според податоците на МВР, ова се покарактеристични кривични дела.

Сѐ што ни се случува сега е резултат на воспитувањето
и образованието или (не)работењето со децата

Според психологијата, причините за ваквото однесување на малолетниците се многубројни, почнувајќи од родителското запоставување и негрижа, средината во која растат, телевизијата, до социјалните мрежи, каде што можат да видат сѐ и сешто.
Често малолетниците во процесот на продажбата на дрога се злоупотребуваат и искористуваат од возрасни лица, кои ги мотивираат на криминално однесување за одреден паричен надомест.
Училишните психолози објаснуваат дека бројот 13 во возраста на сторителот само значи дека тие деца сѐ уште не ги знаат последиците од своите постапки. На таа возраст, како што велат експертите, децата се подложни на влијанието на социјалните мрежи и затоа не се доволно контролирани од возрасните. Ова се годините кога преминуваат од конкретно во апстрактно размислување, па почнуваат да сфаќаат што навистина ќе се случи како последица на некои нивни постапки.
– Сѐ што ни се случува сега е резултат на работење или неработење со тие деца. На децата им поставуваме преголеми очекувања, не сфаќајќи дека нивното растење треба да биде период кога од нас учат што треба, а што не треба – велат психолозите.
Според училишниот психолог Дајана З., која неодамна заминала во пензија, денес децата учат едни од други, а родителите со непосветувањето внимание директно ги туркаат децата во деликвенција.
– Ако на децата не им се посочи што е лошо а што не, ако никој не работи со нив и не зборува со нив, тие однесувањето ќе го научат од социјалните мрежи, а потоа и од средината со која се дружат. Ако вие како родител му читате книги, детето ќе научи да раскажува, да фантазира, ќе го збогати речникот… Но ако вие го оставате по цел ден со агресивни игри, со агресивни теми на телефоните, со филмови во кои актерите глумат крадци или брзо возат, пукаат, убиваат, децата тоа и ќе го научат – вели таа.
Според неа, потребно е сериозно да се работи на нивното поведение – да научат да почитуваат, да ценат, да помогнат, тоа се сферите каде што како општество сме потфрлиле.
– Не може меѓусебно да се туркаат и да сметаат дека тоа е добра игра. Едното паднало, сите се смеат и никој не му подава рака да стане. Децата мора да сочувствуваат, да разликуваат добро од лошо, да знаат дека насилството никогаш не дава плод, дека дрогата е штетна, дека кражбата е лоша. Нема тука голема филозофија. Децата сакаат да учат само ако некој им посвети внимание. Тие се лесно подложни на туѓо влијание, па прво родителите се тие што треба да ги насочат. Колку тие повеќе ги игнорираат, толку повеќе децата ќе потпаѓаат под лоши влијанија. Втор сегмент е училиштето, каде што мора да се воспостават механизми со кои ќе се регулира нивното однесување, систем на санкции, но и награди, бидејќи децата само така можат да научат – смета таа.

[email protected]