Уличните кучиња се ловат во една општина, па со комбиња се префрлаат и се пуштаат во друга општина
Речиси и да нема општина во државава што нема проблем со уличните кучиња. И тоа можеби и не е причина за кревање голема фама, доколку кучињата беа мирни, меѓутоа, за жал, сѐ поголема е бројката на напади од стана на кучињата бездомници, што многу лесно може да се види и од дневната статистика на Министерството за внатрешни работи. За жал, ниту една општина не успеа да најде соодветен начин за решавање на овој проблем. Па така, наместо конкретни решенија, некои од општините решавањето на проблемот го наоѓаат во товарење на кучињата во возила и нивно транспортирање во други општини, префрлајќи го проблемот кај другите надлежни институции.
РАСТЕ БРОЈКАТА НА УЛИЧНИ КУЧИЊА ВО СТРУГА
Сѐ поголема е бројката на улични кучиња во поголемите градови низ земјава, а пропорционално со тој раст, расте и бројката на нападнати граѓани од овие животни.
За жал, надлежните наместо да најдат решение за овој проблем, тие најлесно го решаваат со пренесување на кучињата во соседните општини, префрлајќи ја топката кај другите.
Дека тоа е навистина така потврдуваат и жители на Струга, кои до редакцијата на „Нова Македонија“ испратија групна реакција од неколку лица, кои со свои очи виделе како неколку лица со комбиња од соседна општина истовараат глутница кучиња во непосредната близина кај хотелот „Еуротел“.
– Секако, кај нас има огромен број кучиња, а дополнително ни носат од соседни општини. Ние немаме ништо против кучињата, меѓутоа имаме проблем со оние што се агресивни, кои напаѓаат, а ги имаме во огромен број. На Струга ѝ е потребен стационар, и тоа во најбрз можен рок. Состојбата е алармантна, секој ден имаме по неколкумина нападнати од улични кучиња. Ги има насекаде, во паркови, во училишта, градинки, низ чаршијата, на кејот и тоа мора да се реши. Не може ние граѓаните да бидеме заложници на оваа состојба – се вели во дописот до нашиот весник.
НИШТО ПОДОБРО НЕ Е НИТУ ВО МЕТРОПОЛАТА
И скопјани мака мачат со улични кучиња, особено со оние агресивните. Голем број граѓани на социјалните мрежи реагираат дека решение мора да се најде, особено во некои делови од градот, каде што бројката на улични кучиња навистина е голема.
Само жителите на Железара во неколку наврати бараа да се реши проблемот, бидејќи имаа сериозен проблем со напади од агресивни кучиња. Напаѓани беа деца и постари граѓани.
Според грубите процени на јавното претпријатие за хуман третман на животните „Лајка“, бројката на улични кучиња во Скопје е околу пет илјади. И оттука велат дека имаат дојави дека кучиња од други општини се носат во Скопје.
– Половина од нив имаат ушни маркици, односно се веќе истретирани и го имаат поминато хуманиот третман во прифатилиштето на ЈП „Лајка“. Покрај тоа што ЈП „Лајка“ активно постапува по пријави на граѓани, постојано имаме дојави за појава од нови кучиња на одредени локации во градот, кои се дислоцирани од други градови во Скопје – информираат оттаму.
Според статистиките на претпријатието, од почетокот на годината до месецов, само во Скопје се евидентирани 135 каснувања од кучиња по кои тие имаат постапено, а најголем проблем со нив, односно најголем број пријави се пристигнати од општините Аеродром, Гази Баба и Бутел.
– Во последниов период имаме пријави од граѓани и активисти за појава на нови групи на бездомни кучиња на неколку посочени локации во Скопје, каде што активно постапуваме – велат од „Лајка“.
Летово, од Општина Аеродром информираа дека добиле голем број пријави за истоварање кучиња скитници во општината од други градови, со што бројката на улични кучиња значително се зголемила.
ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ТЕТОВО ЈАВНО ОБВИНИ
Изминатите денови, градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами, обвини дека кучиња тајно се носат во Тетово од други градови во вечерните часови.
Според него, бројот на кучињата скитници, иако интензивно се работи на решавање на овој проблем за што дури е ангажирана фирма за нивно заловување, наместо да се намали, секојдневно расте.
– Ние сме свесни дека проблемот не можеме да го решиме локално и без соработка со другите институции, па затоа бараме поддршка и од граѓаните, медиумите, централната власт и од полицијата за да ги лоцираме сите тие сомнителни возила што во Тетово ги носат кучињата скитници од други градови. И еден милион евра да обезбедиме од нашиот буџет нема да го решиме проблемот, бидејќи можеме да увидиме дека од моментот кога почнавме да ги заловуваме овие кучиња, нивниот број наместо да се намалува, се зголеми. Ова кажува дека е реално нашето сомневање дека од други градови се носат кучиња скитници и се пуштаат во Тетово. Полесно е за другите градови да му платат некому да ги стави кучињата во возило и да ги донесе во Тетово отколку да ги третираат во нивната општина – нагласи Касами.
Тој нагласи дека секојдневно добиваат снимки од граѓани на кои се гледало како од комби-возила се истовараат кучиња скитници во Тетово, но снимките биле со лош квалитет и не можело да се идентификуваат лицата, па затоа бара од полицијата да изврши детални истраги и да ги открие овие прекршители.
– Ние имаме сомневања и имаме пријави од граѓаните, но за да се докаже треба да се ангажира полицијата, бидејќи таа може да контролира граѓани и возила и да идентификува. Ние имаме фотографии и видеа што ни ги пуштаат граѓаните, но тие за нас не се доволен доказ да пријавиме во полиција зошто на нив тешко е да се идентификуваат лицата што го прават тоа. Таа работа треба да ја направи полицијата – истакна тој.