На официјалната промоција беа претставени основите на Системот за рано предупредување за исчезнати лица

Системот за рано предупредување ќе споделува информации за исчезнатите по претходна потврда на пријавата во МВР. Потоа информациите ќе се насочуваат
и ќе се распределуваат преку соодветните канали за комуникација, како и преку бизнис-заедницата, со која е остварена соработка, преку банкоматите на банките,
дигиталните дисплеи во јавниот сообраќаен превоз, комуникациските канали на такси-здруженијата, хотелите, туристичките организации, информираа од здружението „Новинари за човекови права“, кое е носител на проектот

Системот за рано предупредување за исчезнати лица активиран и кај нас

Македонија конечно го дочека Системот за рано предупредување за исчезнати лица, кој во земјава ќе биде достапен на електронската адреса najdime.org.mk. Иако неговата промоција доаѓа по еден страшно немил настан, грабнувањето и убиството на четиринаесетгодишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски, грозоморни убиства што длабоко ги потресоа земјава и Балканот, сепак, неговото имплементирање и конечен почеток ќе значат многу за брзината на пронаоѓање на исчезнатите лица.
На Балканот, овој систем веќе функционира во повеќето земји, а во светски рамки, овој систем е познат под името „Амбер алерт“.

СЕКОЈ ОД СЕКАДЕ ЌЕ МОЖЕ ДА ПРИЈАВИ ИСЧЕЗНАТО ЛИЦЕ ВО ЗЕМЈАВА

Системот за рано предупредување ќе споделува информации за исчезнатите по претходна потврда на пријавата во МВР. Потоа информациите ќе се насочуваат и ќе се распределуваат преку соодветните канали за комуникација, како и преку бизнис-заедницата, со која е остварена соработка, преку банкоматите на банките, дигиталните дисплеи во јавниот сообраќаен превоз, комуникациските канали на такси-здруженијата, хотелите, туристичките организации, информираа од здружението „Новинари за човекови права“, кое е носител на проектот.
Главна цел на проектот е да се подобрат постојните пристапи и да се изнајдат нови методи за превенција, истрага и ублажување на трговијата со луѓе и деца, како и заштита или зајакнување на правата на засегнатите преку размена на искуства и стекнување нови знаења.
Проектот го спроведуваше граѓанската организација „Новинари за човекови права“, во соработка со партнер-организацијата ЕКПАТ – Австрија, во периодот од 1 јули 2021 година, со финансиска поддршка од австриското сојузно министерство за социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите.
Челниците на проектот објаснија како ќе функционира системот, односно секој од секаде ќе може да пријави исчезнато лице. Пријавата не се гледа во јавноста, ИТ-лицата што стојат зад веб-страницата ги разгледуваат податоците и ги пријавуваат во МВР. Потоа се чека повратна информација од полицијата и се објавува исчезнатото лице.
Дел од проектот е наменет и за децата Роми и децата што доаѓаат од семејства со социоекономски ризик, сѐ со цел зајакнување на капацитетите и препознавање на предизвиците кај овие ранливи категории, кои, пак, доаѓаат од маргинализираните групи.
За раното откривање исчезнати лица се прават и измени во е-дневникот.
– Во крајна фаза е изработката на новиот електронски дневник, со кој е предвидено родителите веднаш по внесувањето на податоците од страна на професорите да имаат евиденција за присуството на учениците на час. Сите поминуваат низ системот на образование, а тој игра клучна улога во раното откривање на исчезнатите деца. Наставниците и училишниот персонал често се првите што забележуваат кога детето е отсутно или, пак, детектираат кога тоа е во некаков ризик, кој се манифестира преку неговото однесување, изглед и слично. Од друга страна, пак, токму во училиштата и преку наставата и воннаставните активности, децата се запознаваат со потенцијалните опасности што ги демнат. Така ќе биде и понатаму. Едукативните содржини поврзани со оваа тематика, веројатно ќе стануваат сè позастапени – рече министерот за образование Јетон Шаќири на презентацијата на проектот.

КАКВА Е ПРАКСАТА НА ФУНКЦИОНИРАЊЕ НА СИСТЕМОТ

Станува збор за механизам со кој преку СМС, објави на телевизија, известувања на аеродроми, хотели, гранични премини се даваат податоци за исчезнати деца заради нивно брзо пронаоѓање.
Во светот, овој механизам е нашироко во употреба, а од неодамна и Србија имплементира систем за итно известување „Најди ме“, со кој, во случај на исчезнување на малолетно дете, се испраќа итно известување во медиумите на секои 30 минути. Предвидено е медиумите да ја прекинат програмата и да објават фотографија од исчезнатото дете со основни информации. Потоа мобилните оператори ќе им испратат порака на своите корисници за исчезнатото дете, заедно со линк до веб-страницата на Министерството за внатрешни работи.
Во рамките на овој систем е предвидено ЈП „Патишта Србија“, аеродромот „Никола Тесла“, автобуските и железничките станици на своите екрани да објавуваат информации за исчезнувањето на детето.
Претседателот на Центарот за исчезнати и малтретирани деца, Игор Јуриќ, истакна дека системот ќе се активира кога животот на детето ќе биде во опасност, а ќе функционира така што телевизиските програми ќе се прекинуваат на секој половина час во првите осум часа по исчезнувањето.
– По тие осум часа, до истекот на 48 часа од пријавувањето на исчезнувањето, емитувањето на објавата ќе мора да продолжи на секој час. Потоа медиумите повеќе не се обврзани да ги објавуваат информациите, освен ако полицијата не го побара тоа – објасни Јуриќ.
Системот „Најди ме“ претставува дополнителен механизам за пребарување исчезнати лица помлади од 18 години и ќе игра важна улога во случаите во кои се оценува дека информирањето на јавноста може да придонесе за побрзо пронаоѓање.
Сепак, нема да биде објавено секое исчезнато дете. Според системот, во оние ситуации кога објавувањето податоци за исчезнување дете го отежнува случајот, се меша во работата на полицијата и претставува опасност за жртвата, началниците на полициските управи ќе направат одлука за активирање на системот врз основа на јасно дефинирани пораки.

КОИ ЗЕМЈИ ГО ИМААТ „АМБЕР АЛЕРТ“

И Хрватска има „Нено аларм“ од 2022 година. Кога ќе исчезне дете, хрватската полиција ја известува компанијата „Мета“, која испраќа известување до граѓаните на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм – во радиус од 60 километри од местото каде што детето е видено последен пат.
Системот се користи и во повеќе европски држави – Белгија, Чешка, Франција, Германија, Грција, Малта, Ирска, Полска, Италија, Холандија, Бугарија.
Девојчето по кое
е именуван системот

Системот „Амбер алерт“ (Amber alert), врз основа на кој е создаден „Фајнд ми“ (Find Me), е создаден во САД во 1996 година, а го добил името по Амбер Хагерман, деветгодишно девојче од Тексас, кое било киднапирано и убиено.
Вообичаената полициска практика во светот беше потрагата по исчезнати лица, вклучувајќи и деца, да започне по 24 или 48 часа, за да им се даде шанса на оние што во афект побегнале од дома или отишле кај момче или девојка да се вратат. На овој начин полицијата заштедувала ресурси, но трагичниот настан во 1998 година ги променил сите процедури и светот го добил системот „Амбер алерт“, кој во голема мера ги зголемува шансите за пронаоѓање на исчезнатите деца.
Системот „Амбер алерт“ го добил името по девојчето Амбер Хагерман, кое живеело со родителите и помладиот брат во Арлингтон, Тексас, Соединетите Американски Држави. Амбер била девојче што живеело типичен американски живот, возело велосипед, било во извидници и не се разликувало од своите врсници.
Сето тоа се сменило на 13 јануари 1996 година. Нејзиниот помал брат и таа ги возеле своите велосипеди до паркингот на една напуштена продавница, бидејќи таму била инсталирана рампа за велосипеди, па сите деца се собирале таму. Нејзиниот брат си заминал, но таа останала, што било и фатална грешка.
На нејзиното киднапирање посведочил еден постар жител на Арлингтон, кој подоцна сведочел дека видел црн автомобил или пикап со темна боја како застанува, а возачот го грабнува детето. Девојчето врескало и се обидело да избега, но возачот бил пресилен за детето, кое не успеало да се спаси.
Сведокот повикал полиција и го пријавил случајот. Патролата пристигнала брзо и го снимила описот даден од сведокот, дека киднаперот е бел или Шпанец, на возраст меѓу 25 и 40 години, просечна висина, просечна градба. Опис што не може многу да ѝ помогне на полицијата.
Иако сведокот бил стар, а описот општ, почнала опсежна потрага, а бидејќи станувало збор за киднапирање, се вклучиле и агентите на ФБИ. Во претресот учествувале дури 60 полицајци. За жал, сето тоа било залудно.
Случаен минувач шетајќи го своето куче го пронашол телото на Амбер пет дена подоцна, фрлено во поток. Местото каде што било пронајдено телото било на помалку од 10 километри од паркингот каде што се случило киднапирањето.
Обдукцијата ја реконструираше агонијата низ која поминало детето. Криминалецот ја одржувал во живот два дена, ја тепал и ја силувал, а потоа ѝ го пресекол грлото. Телото било пронајдено без облека, само со еден чорап. Нејзиниот убиец никогаш не бил изведен пред лицето на правдата.

СИСТЕМОТ СПАСУВА ЖИВОТИ

Американската јавност беше толку шокирана што реши да преземе акција и да создаде систем што ќе ги зголеми шансите за преживување на децата што се жртви на криминални киднапирања. И создаден е системот „Амбер алерт“, кој го носи името во чест на убиеното девојче од Арлингтон, а благодарение на кој се спасени безброј животи.
„Амбер алерт“ е важен затоа што времето е пресуден фактор. Експертите велат дека е важно јавноста што поскоро да биде информирана, бидејќи во такви случаи секоја информација е важна.
– Имајќи предвид дека е докажано дека првите 48 часа по исчезнувањето се клучни за пронаоѓање дете, медиумите се обврзани да информираат во тој рок, почнувајќи од приемот на информацијата за исчезнувањето – објаснуваат експертите што работат на оваа проблематика.
Според нив, првите два дена се клучни.
– Првите 48 часа се клучни за пронаоѓање на детето, поради што времетраењето на ваквото јавно информирање е ограничено на тој период. Заклучокот е дека, по правило, времетраењето на системот не смее да биде предолго, за да се задржи ефектот на сензибилизирање на јавноста. Во земјите каде што се спроведува, во најголем број случаи системот „Амбер алерт“ трае 24 часа, меѓутоа во Франција трае четири часа, а во Грција 48 часа – велат упатените. Според истражувањата, во повеќето случаи злосторството се случува во првите четири часа од киднапирањето, така што времето е од суштинско значење, а системот за предупредување „Амбер алерт“ ги зголемува шансите за преживување на детето за над 90 проценти.

[email protected]