Фото: Принтскрин

Додека адвокатот Стефан Карамишевски зборуваше за повредите на Христијан Пендиков, тој од зад грб се смееше на новинарските прашања. Карамишевски не дозволи неговиот клиент да одговара на новинарски прашања, со исклучок, ако тие се однесуваат на здравствената состојба.

На Пендиков му беше смешно прашањето на кој јазик ќе одговара пред судот, со оглед дека во Бугарија, секогаш кога гостува по медиуми, одговара на бугарски јазик, а притоа, со почести доби и бугарско државјанство.

-На кој јазик ќе го дава исказот Пендиков, пошто не дозволивте да го прашаме? – прашаа новинарите, по што натепаниот почна да се смее.

Адвокатот Карамишевски одговори: „Исказот ќе го дава на македонски јазик, се разбира, затоа што е тука роден, завршил основно образование и тоа претпоставува дека одлично го владее македонскиот јазик“.

Пендиков беше насмеан и додека адвокатот одговараше дали тој ќе дојде и на следното рочиште, кога треба да сведочи: „Најверојатно ќе биде присутен, со оглед на тоа дека се уште му трае лекувањето. Повредите се тешки и сериозни, тоа исто сакам да го кажам“. По ова, адвокатот продолжи да ги опишува повредите.

Пендиков, пренесува „Макфакс“ во судница се појави во костум, беше сериозен, а пред новинарите и јавноста се претстави како жртва на напади. Не сакаше да одговори на прашањето зошто од неговиот случај се направи меѓународен проблем.