Сите забелешки од инспекцискиот наод во врска со височинските коти во Записникот за констатација за уривање на објектот „Космос“ се погрешни, произволни и намеродавни, поради што решенијата кои се темелат на наведениот записник се без правен основ, се истакнува во Стручното мислење од Институтот за урбанизам при Архитектонскиот факултет во Скопје. Врз база на тие коти за отстапка од 1,43 метри од проектот, со решение беше запрена градбата и урнат дел од објектот.
Ова денеска беше презентирано како материјален доказ во Кривичниот суд во Скопје во предметот Т.Н.Т. на Специјалното обвинителство во кое за уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски меѓу обвинетите се и поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.
Во доказот од Институтот за урбанизам меѓу другото се наведува дека во Протоколот за регулациона градежна и нивелациона линија со определување на површина за изградба на „Космос“ издаден од Општина Гази Баба не е дадена ниту една височинска кота што значи дека инвеститорот е задолжен да ги почитува само релативните височински коти дадени во ДУП-от. Во Стручното мислење се појаснува дека, точките за мерење на височинските коти во основниот проект што се лоцирани на југозападниот раб на локацијата, блиску до новопроектираната и нереализирана улица „Индустриска 1“, од која нема пристап до парцелата, во Записникот за констатација, нивната диспозиција е спротивна на законот и не може да дава мериторно параметри.
Екс градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски, во изјава за медиумите по рочиштето рече дека документот од Архитектонскиот факултет од професорот Владимир Арсовски кој во Собранието на надзорната расправа и со дописот што биле испратен до општината како и со записникот на Државниот инспекторат, го потпишал мислењето само за да го препрати, а не го составил тој.
-Професорот ќе биде сведок, самиот да си објасни околу постапката, рече Трајковски
Според него, со доказите на СЈО, што денеска беа презентирани, се докажува нивната законска постапка, односно, како што рече, беа презентирани дел од пресудите од Управниот и од Вишиот Управен суд каде се донесени одлуки дека општината постапувала законски.
-Беа презентирани елаборати изготвени од Општина Гази Баба и Државниот инспекторат, како и од Инвеститорот. Сите овие елаборати покажаа дека градбата била градена спротивно на одобрениот проект и спротивно на Ахитектонскиот урбанистички проект и Деталниот урбанистички план, рече Трајковски.
Од Инспекторатот на Општина Гази Баба било констатирано дека првиот кат на Космос бил повисок за 1.43 метри од дозволата за градба, односно проектираната плоча на приземјето била со висинска кота 243.52 наместо 242.09. Биле констатирани и два столба повеќе, што не биле проектирани. Инспекторатот донел решение за прекин на градбата и да го затвори градилиштето.
Следното рочиште е закажано за 30 октомври на кое ќе бидат презентирани останатите материјални докази на Специјалното јавно обвинителство.