Еден ден откако ја презеде градоначалничката функција во општина Карпош, Стевчо Јакимовски се појави на суд, каде што му се суди за злоупотреба на службената положба и овластување.

На почетокот од судењето, Јакимовски достави поднесок дека родителите на неговиот адвокат се заразени со коронавирус, потенцирајќи дека се вакцинирани. Прашан од судијата Осман Шабани дали адвокатот кој не дојде на рочиште, живее со родителите, Јакимовски кажа дека само имал постојан контакт со заразените. Ова е и причина за одложување на рочиштето.

– Јакимовски наведе дека покрај неговиот татко и мајка со кои имал интезивен контакт, во семејството на бранителот се заразени и други членови на семејството. Поради избегнување на евентуално ширење на заразата, бранителот до произнесување на органите за испитување нема да може да присуствува на главните расправи – кажа Шабани и побара од Јакимовски неговиот бранител да се тестира и да достави решение за изолација.

Ова беше прво судење за овој предмет, по судската ферија. Предметот се суди одново, бидејќи судечкиот судија Горан Бошевски беше разрешен, а нов судија е Осман Шабани. За овој предмет, Јакимовски беше и во куќен притвор. Тој се гони бидејќи со неговите дејствија, Обвинителството тврди дека направил штета од 7.209.600 денари без ДДВ на буџетот на Општина Карпош.

Според Обвинителниот акт, обвинети се шест лица. Првообвинетиот Јакимовски е обвинет за повеќе кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување и едно кривично дело бесправно градење од Кривичниот законик. Тој се товари дека од 2011-2017 година, како градоначалник, во повеќе наврати ја злоупотребил службената положба и овластување во постапки за јавна набавка и во постапка за легализација на времени објекти од деловен карактер и приватизација на градежно земјиште во државна сопственост.