На пратеничката Фросина Ременски и на таткото на Бојан Јовановски – Боки 13, Миле Јовановски, ќе им бидат одземени пасошите, тие ќе имаат забрана да го напуштаат живеалиштето (градот Скопје) и ќе мора повремено да се јавуваат кај определено службено лице во судот. На асистентката на Миле Јовановски, ќе ѝ биде одземен пасошот.
Ова е одлуката на Основниот кривичен суд, откако денеска тројцата осомничени во проширената истрага за „Рекет“ беа пред судија на претходна постапка.
– Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерки за претпазливост за три лица, по претходно доставени покани, лицата во текот на денешниот ден, пред судија на претходна постапка се произнесоа во однос на предлогот. Ценејќи ги фактите и доказите во предлогот како и исказите на осомничените лица, судија на претходна постапка донесе решенија со кои го прифати предлогот и на осомничените Ф.Т.Р. и М.Ј. им определи мерки согласно член 146 ст.1 т.1,2 и 3 од ЗКП односно, Забрана за напуштање на живеалиште односно престојувалиште, Обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице во судот и Привремено одземање на патната и друга исправа за преминување на државната граница, додека за Х.Б. мерка за претпазливост согласно член 146 ст.1 т.3 – Привремено одземање на патната и друга исправа за преминување на државната граница. Против овие решенија странките имаат право на жалба пред кривичниот совет – се вели во соопштението на судот.