Лидерот на движењето Самоопределување, Албин Курти, по денешната средба со лидерот на Демократскиот сојуз на Косово, Иса Мустафа и кандидатката за премиерка од таа партија, Вјоса Османи, изјави дека двете партии победнички на неделните парламентарни избори постигнале согласност заедно да ја формираат новата косовска влада.

Курти за новинарите изјави дека со Османи се согласиле оти е потребно минимализирање на бројот на министри и заменик-министри и дека новата влада нема да има повеќе од 12 министерства.

Кандидатите за премиер од двете партии, Курти и Османи, рекоа дека на денешната средба не се разговарало за детали, туку само се договорени принципите за заедничко владеење и се согласиле да ја чекаат конечната потврда на изборните резултати пред да го постигнат финалниот договор.

-Се согласивме да имаме праг од 30 отсто родова застапеност, значи најмалку 30 отсто и од министрите и од замениците министри ќе бидат жени. Ќе имаме многу помалку министри и многу помалку заменици министри, но ќе имаме многу поголема посветеност и работа. Нашите професионални тимови ќе се состанат за да ги хармонизираат програмите и да се усогласат околу нашите заложби – изјави Курти.