Во Македонија наркоманијата одамна не е табу. Точната бројка на наркозависници во Македонија не се знае, но се претпоставува дека има повеќе илјади, од кои најголем дел се лоцирани во главниот град.
Упатените велат дека е намалена и возрасната граница на наркозависници. Доколку порано се почнувало со 18 години, сега има случаи и на 15-годишници што се зависници.
Метадонската терапија е најпознатиот метод на лекување. Релативно ефикасна терапија, но скапа. Постојат и понапредни препарати, но тие се уште поскапи, особено за држави со мал буџет за таков вид здравствена и социјална помош.
Според организацијата „Хопс“, која се занимава со проблематиката, статистиката за младите на возраст од 15 до 24 години е загрижувачка.
Според нивни преставници, околу 19 проценти од младите во земјата на оваа возраст барем еднаш во животот пробале недозволена супстанција.
Дополнително, според информациите на невладините организации, во државата има над 6.800 лица што користат дрога, а една третина од нив се лекуваат од овој порок.
Во меѓувреме, државните институции велат дека на проблемот му пристапуваат со голема сериозност.
Од Министерството за здравство за медиумите информираат дека со Програмата за здравствена заштита на лицата со болести на зависност обезбедуваат терапија за 1.550 лица.
Од друга страна, пак, Министерството за труд и социјална политика вели дека рехабилитацијата и ресоцијализацијата на корисниците на наркотици се вршат преку финансиска помош на семејствата на корисници и преку социјални услуги во центрите за рехабилитација. А.С.