Две лица од Синѓелиќ и едно од Арачиново кои не го почитувале полицискиот час вчера биле однесени на информативен разговор во полициска станица, а потоа и пуштени на слобода, потврдуваат од МВР.

Тие се товарат за кривично дело од член 206 од Кривичниот законик, за што против нив ќе биде поднесена кривична пријава поради непочитување на ограничувањето на движење.

По приведувањето на трите лица, на улица во Синѓелиќ се собра толпа народ, за која исто така ќе бидат поднесени соодветни поднесоци, информираат од МВР.

– Од страна на полициски службеници биле лишени од слобода В.М. (19) од Арачиново, С.Р. (21) од с.Синѓелиќ и В.В. (30) од ул. „Алија Авдовиќ“. По лишувањето од слобода на лицата, на ул. „Алија Авдовиќ“, поголема група граѓани излегле на истата улица во знак на протест. По изготвената соодветна документација, лицата се пуштени од полициската станица, а насобраната група граѓани се разотишла. Ќе бидат преземени соодветни мерки и против останатите лица што не го почитуваа ограничувањето на движење – велат од МВР.

Градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски, кој сам излегол меѓу револтираните граѓани за да ја смири состојбата, посочува дека меѓу толпата се ширела дезинформација дека трите лица кои беа приведени биле физички нападнати од страна на полицијата.

– Точно е дека вечерва во населеното место Синѓелиќ дојде со нарушување на полицискиот час од поголема група на граѓани. Јас како градоначалник самоиницијативно излегов на лице место откако дознав дека нешто се случува, што е и моја обврска, со една единствена цел, да ја смирам состојбата и да се врати се во нормала, без никакви дополнителни инциденти. Особено сега кога земјава и целиот свет се соочуваме со справување со коронавирус. За да не се шират дезинформации, ве известувам дека вечерва три лица од страна на полицијата се однесени на информативен разговор во ПС Гази Баба. Исто така не е точно дека лицата биле физички нападнати од страна на полицијата, поради што и се собрала групата. Како градоначалник излегов сам меѓу револтираните граѓани за смирување на состојбата. Тоа е моја должност и обврска. Откако се објаснивме жителите се разотидоа во своите домови. Затоа апелирам до сите да не се шират непроверени или половични информации, кои можат да влијаат во нарушување на јавниот ред и мир или да внесат паника или бес кај граѓаните – напиша Георгиевски по настанот.