Полициски службеници од СВР Битола-ОВР Ресен вчера го лишија од слобода К.С. од село Лева Река, Ресенско, поради постоење основи на сомнение дека го предизвика пожарот во Лева Река, во кој беше опожарена нискостеблеста шума, според началникот на Отсекот на превенција на СВР Битола, Сашо Гилевски.
СВР Битола упатува апел до граѓаните за максимална внимателност на местата кои можат да бидат потенцијални жаришта, а полициските службеници, покрај вработените од ЈП „Национални шуми“ и Шумската полиција, ќе вршат засилени контроли на движењето во подрачјата согласно одлуката за забрана. Доколку се констатира непочитување од страна на граѓаните ќе се преземат мерки за соодветно санкционирање, при што за непочитување на оваа забрана на физички лица кои се затекнати да се движат во шума и шумско земјиште, согласно член 106 од Законот за шумите ќе им се изрече глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност.
СВР Битола укажува дека предизвикувањето на шумски пожар намерно или од невнимание претставува кривично дело, кое се санкционира со соодветни поднесоци и за кое е предвидена и затворска казна до 8 години (член 227 од Кривичниот законик), зависно од видот на пожарот и другите околности и последици. М.М.