Кумановското јавно обвинителство поднесе Обвинение против 57-годишен кумановец за убиство. Обвинетиот се товари дека со умисла поттикнувал двајца оштетени да лишат од живот три лица. Поттикнувањето го вршел заради безобзирна одмазда на смртта на неговата ќерка, која загинала во сообраќајна незгода превезувајќи се во возило како сопатник.
Убиството кое обвинетиот го нарачувал, требало да биде извршено врз две лица кои во моментот на несреќата биле заедно со неговата ќерка во возилото, како возач и сопатник, како и врз таткото на возачот.
– Обвинетиот за да го изврши делото, искористил претходен долг на парични средства кои тој му ги позајмил на еден од пријавителите, оштетен во предметот. Имено, обвинетиот му позајмил 50.000 евра на оштетениот, на која сума постојано засметувал камата, со што го зголемувал долгот до сума од 80 000 евра. Искористувајќи го фактот дека оштетениот му должи пари, обвинетиот во периодот од април до август 2021 година, на различни локации во Куманово, на оштетениот, а потоа и на друго лице, исто така оштетен, им предложил, наместо да му се врати дологот од 80.000 евра, тој долг да го прости, а воедно да им додаде уште 40.000 евра. За возврат, побарал од оштетените да им го одземат животот на трите лица – информираат од Обвинителството.
Откако увидел дека не постапуваат по договореното, обвинетиот неколкупати, покрај понудените парични средства за да ги извршат бараните убиства, започнал да им се заканува на оштетените по нивните, како и по животот и телото на членовите на нивните семејства. Оштетените одбиле да ги извршат убиствата и случајот го пријавиле во полиција.
Заедно со обвинението, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово до надлежниот суд достави и посебен предлог за продолжување на веќе определената мерка притвор за обвинетиот, имајќи предвид дека околностите поради кои што притворот е определен се уште постојат и тоа опасноста од бегство доколку обвинетиот се брани од слобода, како и опасноста од повторување и довршување на делото или од можно сторување на ново кривично дело. При предлагање на мерката, обвинителот ги имаше предвид видот, карактерот и тежината на кривичното дело, неговата противправност, запретената казна за ваков вид на кривично дело, начинот на извршувањето и упорноста како и последиците од кривичното дело, околностите под кои е извршено и мотивите за неговото извршување. Обвинителството предлагајќи продолжување на притворот за обвинетиот, особено ценеше дека е оправадан стравот од можност за бегство надвор од државата или пак плаќање за продолжување и реализирање на претходните планови и преку можни трети лица.