Управата за извршување на санкции соопшти дека Орце Камчев добива третман како и секое друго притворено лице во Македонија, откако тим од канцеларијата на Народниот правобранител го посетил притворениот бизнисмен во затворот во Шуто Оризари, по жалбата на адвокатите на Камчев дека врз него се врши тортура и оти тој добива нехуман третман.
– Управата за извршување на санкции најкатегорично ги демантира информациите за наводен нехуман третман, тортура, понижувачки услови и загрозување на здравјето на притвореникот Орце Камчев – се вели во реакцијата на Управата, во која се додава дека Камчев е сам во ќелијата, како и дека врз него се направени вкупно шест медицински прегледи, од кои еднаш била повикана и Брзата помош.
Адвокатите на Камчев тврдат дека е констатирано оти кон нивниот клиент имало нехуман и деградирачки однос, а за тоа ја известиле и меѓународната заедница. Од друга страна, народниот правобранител Насер Зибери, во разговор за „360 степени“ посочи дека било констатирано оти Камчев бил сместен во несоодветни услови, во однос на простор, но и дека нема формулација „нехуман третман“. Дел од медиумите известија дека Камчев бил преместен во друга просторија со подобри услови по реакцијата на Зибери.
На Камчев му беше определен е 30-дневен притвор на 14 март. Тој е осомничен во истрагата „Плацевите на Водно”, како и во случајот „Империја“.