За експремиерот Владо Бучковски и за уште тројца обвинети застаре делото во предметот „Тенковски делови“. Коалицијата Сите за правично судење, која го мониторираше случајот, соопшти дека денеска јавниот обвинител во завршниот збор го преквалификувал обвинението, по што настапила застареност на кривичното гонење. Предметот го суди судијката Даниела Алексовска Стојановска.
На досегашните роишта, по напатствијата на Врховниот суд, биле сослушани претставник на Министерството за одбрана и на Државниот правобранител за да се утврди дали има штета на буџетот и дали имало умисла и намера кај обвинетите.
Откако повиканиот претставник на Одбрана и правобранителот се изјасиле дека нема штета на буџетот, обвинителот го преквалификувал делото во еден став погоре од Кривичниот законик, со што настапила апсолутна застареност на кривичното гонење.
Одбраната сепак побарала да даде завршен збор на следното рочиште на 22 ноември. Судот сега треба да донесе одбивателна пресуда, а трошоците за адвокатите на обвинетите, меѓу кои и за Бучковски, ќе ги плати државата.
Случајот датира од 2001 година кога Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ како приоритетна набавка од фирмата МЗТ ФОП нарачале резервни делови за тенковите „Т 55“.
Обвинителството во јули 2007 година излезе со обвинение со кое се тврдеше дека експремиерот Владо Бучковски, поранешниот началник на Генералштабот на АРМ, Методи Стамболиски, неколкумина вработени во Министерството за одбрана и директорот на МЗТ ФОП, ги злоупотребиле своите позиции и со нереално барање за набавка на резервни делови за армиските тенкови причиниле штета од приближно 150 милиони денари или околу 2,5 милиона евра.
Предметот неколкупати беше враќан на повторно судење. Врховниот суд во 2016 година го прифати барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда за случајот „Тенковски делови“ и по извршената ревизија ги укина претходно донесените пресуди и наложи судската постапка да се врати од почеток.