Приведени дрвокрадци во Ресенско, илегално сечеле дрва
Полициски службеници на регионалниот центар за гранични работи Југ, во соработка со шумската полиција од Ресен, во реонот на полициската станица Маркова Нога, ги лишиле од слобода И.К. (36) од селото Аравати, Ресенско, и И.М. (69) од истото село, поради основано сомнение дека вршеле нелегална сеча на дрва во близината на селото Арвати, при што се запленети дрва и две моторни пили. По целосното документирање на случајот, ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Регистрирани 196 сообраќајни прекршоци во Скопје, 42 за брзо возење
Министерството за внатрешни работи во текот на завчерашниот ден (1.10.2022) продолжи со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот.
На територијата на градот Скопје се изречени вкупно 196 мерки, меѓу кои 42 санкции за возење над дозволената брзина, 25 мерки за возење без возачка дозвола, 16 санкции за возење под дејство на алкохол.
Изречени се шест мерки за користење мобилен телефон, четири санкции за минување на затворен сигнал (црвено светло), три санкции за возач почетник, десет санкции за нерегистрирани и технички неисправни возила…
– Засилените акциски контроли продолжуваат. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта – велат од МВР.
Прегазен 70-годишен велосипедист од Куманово
Во саботата, околу 9.45 часот, пријавено е дека во Куманово, на улицата Народна револуција и булеварот 3. Македонска ударна бригада, патничко моторно возило „мерцедес“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од З.С. (54) од Куманово, удрило во велосипедист Т.К. (70) од Куманово. По несреќата, велосипедистот Т.К. бил пренесен во Општата болница, каде што од лекар му биле констатирани тешки телесни повреди. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР-Куманово.