Уапсен тетовец што ограбил трафика
Пред угостителски објект на улицата Борис Кидрич во Тетово, полициски службеници од СВР-Тетово го лишиле од слобода 31-годишниот тетовец С.С., кој пред тоа извршил кражба во трафика на улицата Иво Лола Рибар во истиот град. Тој бил приведен во полициска станица и по целосното документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Велешанец со фалсификувани пари купувал мобилни телефони
Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР-Скопје поднесе кривична пријава против М.И. (37) од Велес, за сторено кривично дело „измама“ од чл. 247 ст. 1 и кривично дело „фалсификување пари“ од чл. 268 ст. 1 од КЗ. Пријавениот во текот на март 2021 година, откако набавил 12 фалсификувани банкноти во апоени од по 100 евра, ги употребил во два наврата, пуштајќи ги во промет при купување мобилни телефони, со што измамил две лица што ги огласиле за продажба своите мобилни телефони, а на кои М.И. им платил со фалсификуваните банкноти.
Жител на Турција се обидел со фалсификувана полиса да влезе во земјава
На граничниот премин Деве Баир, полициски службеници го лишиле од слобода Ј.М. (45) од Република Турција. При контрола било констатирано дека полисата за осигурување што ја доставил на увид за товарното возило „ман“ со турски национални ознаки, кое го управувал, била фалсификувана. Тој им бил предаден на полициски службеници од полициската станица во Крива Паланка за понатамошна постапка. По целосното документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.
Тешко повреден маж, откако со возило излетал од пат
На 2.10.2022, околу 11.40 часот, било пријавено дека на регионалниот пат Прилеп – Македонски Брод, кај селото Ропотово, патничко моторно возило „фиат“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од А.И. (38) од селото Дебреште, излетало надвор од патот. Во несреќата, тешки телесни повреди добил возачот, кои биле констатирани во Општата болница во Прилеп. Увид бил извршен од увидна екипа од полициската станица во Прилеп.