Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, вчера на покана на Основен кривичен суд – Скопје, во својство на оштетен, достави писмена изјава во врска со незаконското следење на лични комуникации. Станува збор за кривичниот предмет во јавноста познат како „Таргет – Тврдина“.
– Со оглед дека од т.н. Специјално јавно обвинителство (СЈО) добив потврда за незаконското следење на моите комуникации, го известувам Судот дека се чуствувам за оштетен поради незаконско следење, т.е. прислушкување на моите телефонски разговори за подолг период – стои во изјавата на Апасиев.
Партијата соопшти и дека доколку по постапката пред Судот се утврди одговорност и на давателот на телекомуникациските услуги чиј корисник е Апасиев, и врз кој телефонски број незаконски е применета посебна истражна мерка за илегално следење на лични комуникации, тој предјавува оштетно побарување и од компанијата за штетата што ја претрпел.