Во духот на големиот христијански празник Цветници, денеска во Струга се одржа настанот „Славословие од срцата на децата“, кој ги обедини најмладите во прослава исполнета со вера, традиција и креативност.
Настанот се одржа кај црквата „Св. Пречиста Богородица“, каде ученици од основните училишта ООУ „Браќа Миладиновци“ и ООУ „Јосип Броз Тито“, како и од средното музичко училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“, учествуваа во богата програма со хорски изведби, рецитали и сценски настапи.

Претходно беше организиран ликовен и литературен конкурс на тема „Срцето го чека Велигден“, на кој учествуваа ученици од шесто до деветто одделение. На самиот настан беа прогласени и наградени најдобрите творби, додека сите останати беа изложени пред посетителите.
– Првичната идеја за овој настан произлезе од желбата на денешен ден Цветници кој во библијата е ден кога децата од Ерусалим го пречекуваат Христос и се радуваат на неговото доаѓање да ги собереме децата од Струга на едно место, по молитвите и благословот на Митрополитот Наш и Владика Господин Георгиј и Возљубениот Наш Архимандрит и Игумен на манастирот „Св. Наум“, отец Нектариј да се негуваат традицијата и обичаите кои се традиција вековна обновена од здружението. На овој настан кој се организира од страна на здружението „Воведение на Пресвета Богородица – Пречиста“ – Струга беа вклучени две основни училишта од Струга ООУ „Браќа Миладиновци“ и ООУ „Јосип Броз Тито“, како и средното музичко училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“. Претходно во двете основни училишта беше распишан поетски и ликовен конкурс на тема „Срцето го чека Велигден“ во кој зедоа учество ученици од шесто до деветто одделение – изјави Леонида Чакареска, професор по физика и заменик на директорот во „Браќа Миладиновци“.
Таа истакна дека на настанот беа одбрани и доделени прва, втора и трета награда за ликовна и поетска творба посебно, а сите други поетски и ликовни творби кои учествуваа на конкурсот беа изложени на самиот настан.
– Наградите ги обезбеди здружението со голема помош од црквата „Св. Ѓорѓија“. На настанот имаше пригодна програма со хорски песни, рецитали, сценски настапи, музички изведби (соло и квартет) и истовремено беа доделени наградите и беа прочитани првонаградените. После приредбата се одржа Велигденски базар на кој беа изложени рачни изработки и украси од децата од трето до петто одделение од двете основни училишта. Овој настан беше благословен од Митрополитот Владика господин Георгиј и Архимандрит и Игумен на манастирот „Св. Наум“ – отец Нектариј. Битно е да се нагласи дека настанот се одржа на црковно место Пречиста Богородица на кое во иднина ние како стружани очекуваме дека ќе се изгради црква. Сите подготовки за одржување на настанот ги презеде здружението со голема логистичка поддршка на црквата „Св. Ѓорѓија“. Овој настан беше и доказ дека народот сака да живее во заедништво и љубов со Христа. Настанот беше посетен и се одвиваше во убава и празнична атмосфера – рече таа.
По завршувањето на програмата беше организиран и велигденски базар, на кој учениците од пониските одделенија изложија рачни изработки и празнични украси, а собраните средства ќе бидат наменети за училиштата.
Организаторите потенцираат дека големата посетеност и празничната атмосфера се доказ дека ваквите иницијативи ја поттикнуваат заедничката вредност на заедништво, вера и љубов меѓу граѓаните.
Настанот го поддржа дебарско кичевската епархија. Присутен беше новиот Митрополит Господин Георгиј.

































