Фото: Фондација „Фридрих Еберт“

Фондацијата „Фридрих Еберт“ – канцеларија Скопје во соработка со Форумот за разумни политики и Центарот за едукација и уметност – Хана викендов во креативниот центар „Бруталиск“ во Скопје го организираат настанот „Враќање во иднината“ каде што познати и еминентни ментори заедно со 40 средношколци од различни градови низ државата работат на креативно изразување на ставовите на младите луѓе преку видеа, графити, музика и облека.
Учесниците се поделени во четири групи, а менторите Емилија Ристановска од Центарот за едукација и уметност – Хана и Гордан Георгиев од Форумот за разумни политики им помагаат на младите средношколци да ја разберат уметноста како одговор на општествените и политички случувања низ историјата.
Тренери се и познатиот визуелен уметник, илустратор, графички дизајнер и ди-џеј Горан Костовски-Индог, музичарката и тапанарка Мартина Баракоска, графичарот, стрип цртач и еден од најплодните рапери на современата македонска музичка сцена Антонио Аранѓеловиќ (Тонио Сан), како и графичкиот дизајнер Теодор Петровски.
Фотографиите од активностите се на Фондацијата „Фридрих Еберт“, а ги изработи Ангел Павловски.