Начинот на кој македонската влада се обидува да ја преброди енергетската криза, високите цени на храната, но и меѓусебните политички расправии меѓу власта и опозицијата беа во фокусот на интересот на пратениците на вчерашната собраниска седница посветена на пратенички прашања. Прв за поставување прашања до Владата се јави Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ, кој од собраниската говорница побара одговор од премиерот дали може да ги врши државничките должности, затоа што, според документ што го објави неодамна партијата, премиерот го избегнал отслужувањето на воениот рок во 2001 година, приложувајќи лекарско мислење дека е трајно неспособен за служење војска.
Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека уште во 2000 година, во согласност со сите законски процедури базирани на Законот за одбрана и врз основа на мислење на стручни лица од медицината, а заради негов здравствен абдоминален проблем со кој сѐ уште се соочува била регистрирана „неможност за служење воена обврска“.
– Не јас самиот, не моето семејство, туку непознати за мене лица во регрутните комисии констатирале таков факт. И тоа во 2000 година пред да се случи воениот конфликт и криза во 2001-та – одговори премиерот Ковачевски.
На второто прашање од Ковачки дали ќе се поништи огласот за професионални војници, бидејќи истиот тој бил искомпромитиран со објавите за партиско селектирање на кандидатите, министерката за одбрана Славјанка Петровска одговори оти нема потреба од поништување, зашто во изминатиот период во армијата се покажало дека важат само професионалните стандарди.
Пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ го праша Ковачевски дали има намера да го повика на средба партискиот лидер Христијан Мицкоски во Владата за да му ги даде контактите за набавка на поевтина струја. Стојаноски праша и дали Владата планира да им помогне на јавните претпријатија и на големите стопански субјекти, кои се принудени да го прекинат производството поради високите цени на електричната енергија.
Премиерот Димитар Ковачевски во одговорот ѝ порача на ВМРО-ДПМНЕ контактите за набавка на евтина струја да ги достави до АД ЕСМ или до Министерството за економија.
– Тоа се адресите до кои опозициската партија треба да се обрати ако навистина има такви контакти и ако сака да помогне – напомена Ковачевски, одговарајќи на пратеничко прашање.
Во неговиот кабинет, како што истакна, нема архива за прибирање понуди, ниту пак може да доаѓаат пратеници или министри со некакви контакти, појасни Ковачевски, кој повтори дека повтори дека на 15 октомври ќе почне грејната сезона во Скопје и дека ќе има парно.
Пратеничката од владејачката коалиција Даниела Николова постави неколку прашања до премиерот, кои се однесуваа на тоа што сѐ е преземено од Владата заради заштита на стандардот на граѓаните и за обезбедување поевтина храна за граѓаните.
Премиерот Димитар Ковачевски информира за донесените одлуки на Економско-енергетскиот совет, според кои, сите училишта во земјава се ставаат на регулираниот пазар, а болниците ќе добиваат поевтина струја преку ЕВН продажба.
– Ако општините направеа реорганизација на своите трошоци и ребаланси на буџетите и ако се водеа од тоа дека постои енергетска криза, не ќе имаше потреба да бидат ставени на регулираниот пазар. Кога ги правеа буџетите тие воопшто не земаа предвид дека се наоѓаме во енергетска криза. Сега сите сфатија дека се во енергетска криза ама никој не седна да направи ребаланс – рече Ковачевски.
Тој ги повика пратениците од опозицијата да не го кочат донесувањето на законите што ќе обезбедат подобро и сигурно снабдување со енергија за земјата, како што е Законот за задолжување во ЕБОР, со кој ќе се овозможи подобра ликвидност на ЕСМ и редовна работа на домашните енергетски капацитети, кои веќе го имаат зголемено производството на струја.
Во однос на обезбедување поевтина храна за граѓаните, премиерот изјави дека досега се исплатени сите субвенции за земјоделците, но и најави промена на системот на субвенционирање.
– Досегашниот начин на субвенционирање не дава и поголемо производство на земјоделски производи. Со меѓународните организации работиме на модел субвенциите да се даваат и на предадени количества и на поголемо финално производство, а не како досега само врз основа на засеани површини – појасни премиерот Димитар Ковачевски, кон кого беа упатени и најголем дел од прашањата на пратениците. М.Ј.