Единаесет лица контакти на хоспитализираната вработена на Инфективна клиника се ставени под 14-дневен надзор, откако кај неа беше констатирана Конго-кримска хеморагична треска, информираше денеска Рената Младеновска, директор на Државен санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).
Каква болест е Конго-кримската хеморагична треска, од која почина 27-годишна штипјанка
– По добиена информација од страна на Институтот за јавно здравје, веднаш истиот ден, на петти август, екипа на епидемиолози од Центар за јавно здравје – Скопје изврши епидемиолошки увид, земени се анкети и контакти. Информацијата е споделена со ДСЗИ и ние како институција издадовме уште 11 решенија, односно тоа се контакти на веќе хоспитализираната пациентка која што е и вработена на Клиниката за инфективни болести. Тие 11 контакти ќе бидат под 14-дневен здравствен надзор – соопшти Младеновска.
Таа појасни што подразбира здравствениот надзор.
– Пациентката односно контактите ќе треба да се јавуваат и да бидат во постојан контакт со дежурниот епидемиолог од Центар за јавно здравје – Скопје. Тоа не е класична изолација, меѓутоа не треба да имаат контакт со останатите, без разлика дали е тоа потесното семејство. Едноставно треба да издржат овие 14 дена да не се прошири оваа зараза и јас се надевам дека ова ќе биде и последниот случај. Што се однесува до претходните 29 контакти, од тие 29 контакти една се потврди како случај, вкупно имаме издадено решенија за здравствен надзор на 40 луѓе – рече Младеновска.
На прашањето дали овие 11 лица се сите од Инфективна клиника или од семејството, појасни дека десет луѓе се од потесното семејство на пациентката и еден контакт е колешка на заболената, исто така од Клиниката за инфективни болести.
Претходно, претседателот на Комисијата за заразни болести Злате Мехмедовиќ рече дека Комисијата апсолутно стои зад сето тоа што е направено од страна на Институтот за јавно здравје, мерките што се преземаат и препораките што се даваат.
Oд она што го виделе, како што додаде тој, првиот случај е случај на директно заразување, а вториот е веројатно на пренесување преку контаминирана крв.
Во првиот случај со директно заразување, почина 27 годишна пациентка, по инфекција со каснување од крлеж.