Непродуктивни странски директни инвестиции во правосудниот систем

Фактичката состојба е дека правосудниот систем е девастиран, неефикасен и корумпиран. Факт е дека се потрошени повеќе од милијарда евра странски пари за доведување во кондиција и подобрување на ефикасноста. А факт е дека од тоа досега нема ефект или тој е маргинален. Суштинско прашање е што понатаму. И како понатаму? Ако се дозволи понатамошна ерозија на тој столб на државната власт, дефинитивно ќе се разурнат и двата други преостанати столба на една (демократска) држава

Која е вистинската ефикасност на вложените средства од странските држави во земјава за реформи на правосудниот систем? Низата на сурови амбасадорски забелешки и изрази на незадоволство од ефектот на нивната финансиска помош за спроведување на владеењето на правото тргна од американската амбасадорка, на која со свои реакции ѝ се придружија холандскиот и австрискиот амбасадор, а свои забелешки имаше и амбасадорот на ЕУ во земјава. Во истиот контекст, пак, едноцифрената процентна доверба на домашната јавност во судството трае перманентно, со години, а сето тоа е резултат на хроничната неефикасност на правосудниот систем, која граѓаните многу ја чувствуваат, без разлика на финансиските инјекции од странците за подобрување на кондицијата и ефикасноста во правосудството.

– Одговор на прашањето за ефикасноста на вложените средства од странските држави во земјава за реформи на правосудниот систем треба да дадат организаторите и спроведувачите на тие проекти и програми со средства од странските амбасади, како и потписниците на завршните извештаи. Но, како и да е, денес амбасадорите на ЕУ и на земјите-членки, како и на САД, испорачуваат жестоки критики. Меѓутоа, да не заборавиме дека пред извесно време истите амбасадори ги поздравуваа и ги оценуваа овие наши судски реформи како успешни. Клучното прашање е кој е ефектот од вложените и потрошени финансиски средства во судството. Дали ефектот е ова што го имаме денес? Ако е ова ефектот, тогаш нешто е погрешно правено – констатира адвокатот Владимир Туфегџиќ.

Македонски специфики и традиции во правната практика…

Сепак, од другата страна на медалот, во врска со недовербата и незадоволството од актуелните состојби во правосудниот систем во Македонија, кои ги изразуваат и македонските граѓани и странските амбасадори како „инвеститори“ во реформите, нашите соговорници препознаваат вина и во некритичкото прифаќање на странските препораки, без да се имаат предвид македонските специфики и традиции во правната практика.
– И ние сами сме виновни, зашто немаме автентична, автохтона национална стратегија за судството, приспособена на нашите услови, имајќи ги предвид нашето ниво на развој, традиционалните вредности… Сѐ што било предложено од наша страна во насока на таква национална стратегија, одговорот бил дека не можеме да го имплементираме затоа што странците не дозволуваат, Венецијанска комисија кажала вака или онака… И затоа како резултат го имаме денешниот формат на Судскиот совет. Неодамна Уставниот суд ја укина одредбата дека судија не може да биде претседател на Судскиот совет. Меѓутоа тие форми и тој формат се наметнати со образложение дека Венецијанската комисија препорачува тоа да биде така – потсетува на ситуации од правната практика поранешниот судија Туфегџиќ.
Констатацијата на состојбите на незадоволство наложува да се преземат чекори за да бидат тие надминати и да се вратат на вистинскиот пат.

Оценска комисија од ЕУ за да се поправи работата на Судскиот совет

Евроамбасадорот во Македонија, Дејвид Гир, најави дека во Скопје ќе пристигне оценска комисија од ЕУ за да се поправи работата на Судскиот совет.
– Го следиме тоа одблиску со голема загриженост. Судскиот совет треба да игра многу значајна улога. Тој треба да ги штити и промовира независноста, професионализмот и интегритетот на судството. Тоа е неговата работа. Јасно е дека не го прави тоа. И она што го видовме неодамна е навистина… Неодамнешните случувања се многу загрижувачки. Дотолку што поради тоа ние ѝ предложивме на Владата да распоредиме тука оценска мисија на високо ниво за Судскиот совет, за да ги најде начините на кои ние може да одговориме на прашањата за професионализмот, интегритетот и независноста, за тие навистина да можат да ја вршат својата работа во иднина – најави евроамбасадорот Гир.

Тој појаснува дека оценската комисија е еден вид советодавна група.
– Се надевам дека ќе може тоа да го направиме набрзо, но тоа покажува колку внимание му посветуваме ние на владеењето на правото и колку ја сметаме важна улогата на Судскиот совет. Тоа треба да се поправи – вели Гир за случувањата во Судскиот совет.


Реакции на власта и на македонските интелектуалци во врска со доаѓањето на оценувачката комисија на ЕУ за Судскиот совет

Испраќањето оценувачка мисија од Европската Унија за мониторинг на Судскиот совет е дочекано со поздрави од Владата и од некои политички аналитичари. Но исто така факт е дека низа високи интелектуалци жестоко критикуваат и не се согласуваат со тој став. Имено, премиерот Димитар Ковачевски порача дека странската оценувачка мисија е добредојдена. Вицепремиерот Бојан Маричиќ порача дека тоа е „добра порака до составот на Судскиот совет“. Но, од друга страна, професорката Мирјана Најчевска не се согласува со нивниот став.

– Не бре, дете, не е добро што доаѓа европската мисија да врши мониторинг врз Судскиот совет. Тоа значи дека сме недоветни, неспособни, шутрачиња, кои некој треба да ги мава по уши за да не си ги јадат мрсулите – констатира Најчевска.
– Нова порака од Стејт департментот: политичките лидери да запрат со мешање во судството. Лидерите во Македонија мора да покажат силни, опипливи резултати во борбата против корупцијата. Само останува нејасно кој е тој што ќе ги запре корумпираните лидери да се мешаат во корумпираното судство? Тоа можеби ќе се случи само доколку државниот секретар на САД, Блинкен ги стави сите на црна листа, како Мерко – пишува на социјалните мрежи Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии во првата политичка влада на Македонија.