Се огласи бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски по изјавата на македонскиот претседател Стево Пендаровски во врска со доаѓањето на бугарските политичари во земјава, кои се членови на мешовитиот парламентарен комитет меѓу Македонија и ЕУ.
„Официјалните власти во Скопје прават „црни“ списоци за забрана за бугарските граѓани и се фалат со тоа. Само античовечки режим на омраза може да примени вакви трикови во XXI век во Европа! Во комунистичките режими имало „забранети луѓе“, очигледно навиките не се искоренети. Сега останува секој што ќе се осмели да ја каже вистината за бугарската историја и потекло, да биде испратен на Голи Оток и директно пречкртан. Тоа е лицето на оваа античовечка, антибугарска и антиевропска влада!? Каде се овде твоите европски вредности? Како е ова право на слободно движење? Како ова не е антибугарска омраза? Каде е денеска позицијата на активистите за човекови права во Брисел и на националните предавници во парламентот?“ напиша Џамбаски на Фејсбук.
Џамбаски вчера не дојде во Скопје како дел од мешовитиот парламентарен комитет меѓу Македонија и ЕУ, чиј член е европратеникот Џамбаски.
Европратеникот е на таканаречената црна листа на граѓани Бугари на кои им е забранет влез во земјата поради навреди и омаловажувања кон македонскиот народ. Сепак, ова се однесува на приватни посети, но не и како дел на официјални делегации.
И европратеникот Андреј Ковачев не е добредојден во приватна посета.