Денеска се навршуваат 10 години од смртта на првиот претседател на независна Република Македонија Киро Глигоров.
Глигоров почина на 1 јануари 2012 година во Скопје во својот дом на 94-годишна возраст.
-Лидер што светот го памети по неговата мирољубива и умерена политика, скромност и визионерство. Единствен на Балканот што настојуваше по мирен пат да ја оствариме нашата сувереност и самостојност – рече претседателот Стево Пендаровски, кој денес положи цвеќе на гробот на Глигоров.
На неговата официјална страница на Фејсбук тој го цитираше Глигоров: „Гласот за Македонија е глас за нашиот заеднички дом израснат врз вековното искуство на национална и верска толеранција и почитување, но и за достигнување квалитет на највисоки стандарди во меѓунационалните односи, така како што извира од духот на Крушевскиот манифест“.
Цвеќе на гробот положи и делегација на Владата предводена од заменик-претседателот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за здравство Венко Филипче и државната секретарка во Секретаријатот за европски прашања Калинка Габер.
Глигоров беше најстариот македонски политички функционер. На 17 ноември 1999 година, кога заврши неговиот втор претседателски мандат, тој имаше 82 години, а во 2000 година Гинисовата книга на рекорди го забележа Глигоров како најстар претседател на држава во светот.
Во 1991 година ја предводеше Македонија која по мирен пат се осамостои од дотогашната Социјалистичка Федеративна Република Југославија во која Глигоров извршуваше високи државни функции. На 8 април 1993 година Глигоров првпат се обрати на македонски јазик на говорницата на Обединетите нации кога Република Македонија стана 181. членка на ОН.
На 3 октомври 1995 година преживеа атентат со автомобил-бомба поставен на улицата Македонија во непосредна близина на хотелот „Бристол”.
По пензионирањето беше активен како публицист. Глигоров е автор на неколку дела, главно пишувани по завршувањето на неговиот мандат како претседател – „Македонија е сè што имаме” (2001), „Атентат – ден потоа” (2002), „Виорни времиња: Република Македонија реалност на Балканот” (2004) и „Сите југословенски (стопански) реформи” (2006). Тој е основач и на фондацијата „Киро Глигоров”. Во 2005 година стана прв носител на „Орденот на Република Македонија”.