Доцна синоќа, во соработка со грчкиот Единствен број за итни случаи 112, беше спасен романски државјанин кој имал опасни проблеми со срцето, со давање итна медицинска помош, а престојувал сношти во Гевгелија, информираат од ЦУК.
– Конкретно, неговиот повик за помош, најверојатно заради близина на границата, прво бил примен од број 112 на базна станица во Р. Грција. Но, бидејќи сите држави коишто го имаат Европскиот единствен број за итни случаи 112 соработуваат и се во контакт меѓу себе, колегите од грчката служба 112 веднаш оствариле контакт со македонската служба 112 во ЦУК. Веднаш, согласно оперативните процедури, е координирана акцијата за интервенција на Итната медицинска помош од Гевгелија и романскиот граѓанин е спасен со итно давање медицинска помош – велат од ЦУК.
Оттаму додаваат дека овој случај на меѓугранична, односно меѓудржавна соработка на две држави (Р. Македонија и Р. Грција), за спасување на граѓанин од трета држава (Р. Романија) ја отсликува можноста за спасување животи на граѓани од која било европска земја ако тие се наоѓаат во земја којашто е во системот на Европскиот единствен број за итни случаи 112.