Крајот на годината и доаѓањето на први јануари за многумина e вртење на нова, чиста страница во нивниот живот, односно свеж почеток за подобрување и нови успеси во претстојната година. Со доаѓањето на новата година, луѓето рефлективно гледаат на случувањата и успесите постигнати во изминатата година, и ја завршуваат со благодарност и желби за годината која доаѓа.

Некои прават и таканаречена новогодишна резолуција, односно си поставуваат цели кои сакаат да ги исполнат или постигнат, што да прават повеќе во новата година, како и што да избегнуваат или променат во нивните животи.

Наши сограѓани, јавни личности, ни открија дел од она за што се благодарни од изминатата година и што го посакуваат во новата 2022 година.

Саше Љолес: Да го надоместиме загубеното, да се чуваме и почитуваме

– Оваа година ќе ја паметам по горко-слатки нешта, пред сѐ поради учеството во проектот „Одиме на европско“, кој беше еден од најкрупните и најубавите во мојот живот, а исто така и поради загубата на тројца членови од моето најтесно семејство – вели Саше Љолес, музичар, автор на навивачката песна „Одиме на европско“.

Во 2022 година очекува и посакува пред сѐ да останеме живи и здрави, што поскоро да заврши оваа пандемија.

– Очекувам конечно да излезе првиот албум на „Ljoles“, што повеќе настапи, да го надоместиме она што го загубивме и да се чуваме и почитуваме еден со друг. Се надевам дека на крајот на 2022-ра ќе можеме да се пофалиме со убави нешта, со нови музички проекти и конечно заживување на македонската музичка сцена. Среќна Нова 2022 година! – вели Саше.

Елизабета Клинчаревска-Младеновска: Да ја вратиме човечноста меѓу луѓето

– Идната 2022-ра година ми ветува многу и се надевам дека нема да ме разочара. Посакувам многу здравје за моето семејство, за роднините и пријателите, како и за целиот свет – вели Елизабета Клинчаревска-Младеновска, актерка.

Таа посакува повеќе хармонија меѓу луѓето, која ќе донесе мир и задоволство и секој повторно да се грижи еден за друг.

– Да не дозволиме да бидеме поделени, сите повеќе да уживаме во животот, а помалку да се грижиме. Очекувам и подобра година за нас уметниците. Апелирам да се посвети поголемо внимание на културата, бидејќи таа содржи систем на духовни кодови, еден вид информативна програма која ги тера луѓето да согледаат и проценат што се случува под одредено светло. Очекувам од целава ситуација да научиме да се почитуваме и да ја вратиме човечноста меѓу луѓето која се изгуби изминативе децении – вели Елизабета.

Гоце Георгиевски: Успех со репрезентацијата на Европско

– Во новата 2022 година би посакал многу здравје во ова време на пандемија. Прва професионална желба ми е да направиме забележителен успех на Европското првенство и да ја израдуваме македонската спортска јавност, а исто така посакувам победнички успеси и со Вардар на домашна и меѓународна сцена – вели ракометарот Гоце Георгиевски.

Годината што помина Георгиевски ќе ја помни по успешната сезона со Вардар и освојувањето на двојната круна, како и пласманот на Македонија на Европското првенство и посебно, победата против актуелниот светскиот првак Данска.

– Во овие тешки времиња најважно е да си подаруваме љубов, да си помагаме едни на други, да имаме доверба и со самото тоа да станеме многу поуспешни личности. Љубовта, довербата и човечноста ни се потребни за подобро општество и подобро живеење – вели Георгиевски.

Жанета Трајкоска: Чист воздух, помал урбанистички и сообраќаен хаос и повторно насмевки– 2022 година ја гледам како година на надеж. Ќе биде тешка година, се надевам во постковид фаза за цела планета, но полна надеж дека некои работи ќе се сменат. За мене е важно што повеќе да имаме чист воздух, да се намали урбанистичкиот и сообраќаен хаос во Скопје и луѓето да почнат повторно да се смеат – вели Жанета  Трајкоска, новинарка и директорка на Институт за комуникациски студии – ИКС.

Таа се надева дека ќе има година полна со здравје, пријатни изненадувања и „мирно море“.

– Мислам дека сите заслужуваме да ни биде малку досадно во однос на нашето политичко и општествено опкружување и да се свртиме кон себе и сопствените животи – смета Трајкоска.

Кристина Петровски-Арнаудова: Да станеме подобри луѓе

– Во 2022 сакам да бидам вистински, суштински среќна, посветена повеќе на себе и сопствените потреби и уживања, со оглед на тоа што вообичаено сум посветена на желбите и среќата на другите. Искрено посакувам пандемијата да исчезне и да почнеме повторно да патуваме. Посакувам да станеме подобри луѓе, и да разбереме што всушност тоа значи – порачува Кристина Петровски-Арнаудова, основач на „Проект среќа“.

Владо Дојчиноски: Да создаваме култура и така да си го чуваме идентитетот
– Во новата година очекувам пред сѐ што поскоро да ни се врати слободата на сите. Да бидеме здрави. Би сакал да можам повторно да играм претстави за мојата најомилена публика –  децата – порачува Владо Дојчиноски, актер.

Негова желба е после претстава да можат повторно сите да се изгушкаат и да се поздрават, да се фотографираат и да бидат среќни.

– Би сакал да имаме наша македонска продукција. Би бил задоволен на местото на турските серии да има наши македонски. Да создаваме продукција, култура и на тој начин да си го чуваме идентитетот. Се надевам на многу нови ликови и во театар и на телевизија, па и на филм. Секој нов лик е нова надоградба. Бидете пред сѐ здрави, живи, среќни, сакајте се и почитувајте се – вели Дојчиноски.

Филиш Јездиќ: Да не бидам толку строг кон себе си

– Во претстојната година сакам да направам лични промени, кои ќе ми помогнат во себеразвивањето и да не бидам толку строг кон себеси. Сакам да продолжам да работам на мојата музика со исто темпо како и досега, да издадам уште повеќе албуми и конечно пандемијата да заврши – наведува Филиш Јездиќ, музичар.

Неговата неостварена желба како музичар е да свири на стадионски концерти.

Филип Талески: Сакам полни трибини и живот без ограничувања

– Годината што помина ќе ја паметам по сѐ уште незавршените турбуленции кои за нас спортистите беа многу тешки поради пандемијата со коронавирусот. Среќен сум што мене и моето семејство нѐ следеше добро здравје. На професионално поле имавме турбулентна сезона, се покажавме и во добро и во лошо светло – посочува Филип Талески, ракометар.

Тој во новата 2022-ра година посакува здравје за неговите најблиски, а на професионален план сака уште подобро да продолжи со играње и во новата година, како што ја завршил првата полусезона годинава.

– И најбитно од сѐ, сакам сѐ да биде како порано, со полни трибини во салите, и луѓето повторно да почнат нормално да живеат без ограничувања – вели Талески.

Ѓорги Тодоровски: Да нема насолзени детски очи

– Желба за 2022-ра ми е да заврши лошата приказна за ковид-19, да нема насолзени детски очи, да престанат сите војни, да нема болни – вели Ѓорги Тодоровски, глумец.

Тој посакува да има само насмевки и среќни лица, да ни се исполнат сите желби што ќе ги посакаме, да сме живи и здрави, среќни, радосни и бериќетни.

– Убавини и топлина да го исполнат вашиот дом! Среќна ви нова 2022-ра! – посакува Тодоровски.

Давор Стојановски: Да се врати човечката блискост

– Никогаш не сум сакал да правам конкретни планови пред почетокот на Новата година, па тоа нема да го направам ни сега. Во пресрет на 2022-та, наместо да си посакам нешто себеси, ќе ѝ посакам само успех и многу читатели на мојата последна книга, „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“, чие пишување потполно ми ја обележа годината што изминува – вели Давор Стојановски, писател.

Стојановски за себе во идната година посакува успешно да ги сработува неговите работни обврски, да ги заврши преводите што го очекуваат, да го доусоврши  германскиот јазик и да започне со работа на неговиот нов музички албум.

– Она што му го посакувам на човештвото е да не ја заборави човечката блискост на која полека се одвикнуваме во долгиот период на пандемијата – посакува Стојановски. 

Крајот на годината е време за себерефлексија, благодарност за постигнатиот успех и поставување на нови цели. Доколку не знаете од каде да започнете, прашајте се дел од понудените прашања: Што сакате да ги постигнете во 2022 година? Кои нови работи сакате да ги научите? Што сакате да направите поинаку од порано? Од кои лоши навики сакате да се одвикнете?

Ако сте упорни, можете да постигнете големи промени. Една година од сега, ќе се навраќате на вашите планови и ќе го увидите напредокот што сте го постигнале. Запомнете, најважно е да не давате ветувања кои нема да можете да ги исполните, ниту кон другите, ниту кон себеси.