Бугарското МНР преку соопштение изрази зачуденост од позициите на властите во Скопје и антибугарската кампања во медиумите во врска со клубот „Ванчо Михајлов“.
– Зачудени сме од остриот став на претставниците на властите во Република Северна Македонија и антибугарската кампања што се спроведува во медиумите во нашата соседна земја во последните денови во врска со отворањето на клуб при Здружението Културен центар „Иван Михајлов“ во Битола – се наведува во синоќешната реакција на бугарското МНР.
Оттаму посочуваат дека во Македонија повторно се шири омраза против Бугарија поттикната од политички партии, но и од академската заедница.
– Повторно сме сведоци на говор на омраза против Бугарија, кој е поттикнат од парламентарните политички партии, претставници на јавноста и на академската заедница. Посебно загрижува фактот што се прават обиди Бугарија и бугарскиот народ нeправедно да се изедначат со фашизмот. Ширењето на тенденциозни погрешни толкувања на историјата е токму една од причините поради која имаме Договор за добососедство и формиравме Заедничка комисија за историски прашања. Очигледна е потребата таа да направи вистински напредок на чувствителните теми во нашата заедничка историја – стои во реакцијата.
Од бугарското МНР потсетуваат дека културниот центар бил регистриран според барања на локалната законска регулатива и работи од 2019 година, и оти неговото име досега не било предмет на никакви видливи негативни реакции кај надлежните и јавноста во Македонија. Според нив, овие факти доведуваат до уверување дека кампањата започната во последните неколку дена не се однесува на името, туку е насочена против активностите на организацијата, активно вклучена во проблемите на Бугарите во земјава и остварувањето на нивните права.
– Нагласуваме дека бугарската држава ќе продолжи да ги прави сите неопходни напори, во согласност со меѓународното право, за поддршка и заштита на Бугарите во Северна Македонија. Очекуваме од одговорните фактори во нашата соседна земја конструктивен придонес во тековниот процес на враќање на довербата и градење поволна средина за Бугарите во Северна Македонија, како и за секој што сака да развие пријателски односи со Бугарија – се додава во соопштението.
Воедно, се потсетува дека бугарската држава последниве месеци направила „значителни напори за промовирање позитивна клима во билатералните односи“, како и дека „ќе продолжи да работи на градење на вистински добороседски односи, но и се потпира на своите партнери во Северна Македонија“.