Архива / Фото: МИА

Бришењето на културниот центар „Иван Михајлов“ од Централниот регистар бугарското Министерство за надворешни работи (МНР) го смета за тенденциозно, а ја обвинува земјава и дека ги крши принципите на ЕУ, односно Европската конвенција за човекови права. Ставот на бугарското МНР, како што пренесуваат тамошните медиуми, во јавноста го изнесе заменик-министерот за надворешни работи Костадин Коџабашев, според кого македонските власти ги ограничуваат правата на Бугарите.

-Институциите во Скопје не изнесоа вистински аргументи за оспорување на регистрацијата на бугарските здруженија. Својата одлука ја донесоа исклучиво со непринципиелно, еднострано и тенденциозно ставање на имињата на здруженијата во искривен историски и идеолошки контекст. Фактот дека верувањата на Бугарите во Северна Македонија не се компатибилни со актуелната официјална идеолошка доктрина во оваа земја не значи дека овие верувања се неспојливи со демократските принципи и правниот поредок – смета МНР на Бугарија.

Според официјална Софија, оценките и квалификациите за ликот на Иван Михајлов во Македонија не се засноваат на обемниот корпус на историски докази за него и се насочени кон зачувување на „монополот на намерно и ревизионистичко толкување на заедничката историја“. Бугарија отфрла и поврзаност на Иван Михајлов со фашизам.

-Обвинувањата за антисемитизам се особено неосновани. Самиот Иван Михајлов, неговата околина и раководството на ВМРО постојано имаа почитувачки и добронамерен однос кон еврејската заедница. Не случајно еден од неговите најблиски соработници, Владимир Куртев, член на последниот состав на ЦК на ВМРО, е прогласен за праведник на светот од државата Израел – нагласува бугарското МНР.

Оттаму велат дека Македонија брани едно толкување на историјата и забранува изразување на различни мислења, дури и ако тие мислења се критички на наметнатиот официјален наратив и јасно ги крши основните принципи на ЕУ за правата на слободно изразување и слободно здружување.

Обвинуваат и дека земјава не ги почитува договорите од минатата година кога беше постигнат договор врз основа на францускиот предлог.

-Северна Македонија, потсетува официјална Софија, презеде јасна обврска да ги преземе неопходните активности за да и обезбеди на бугарската заедница ефективен пристап до еднакви права, заштита од дискриминација и заштита на нејзиното културно наследство и идентитет.

Во реакцијата бугарското МНР забележува и дека бавно се спроведува правдата во однос на расчистување на инцидентите со бугарските клубови и негодува зошто Ламбе Алабаковски се спогодил со обвинителството и добил условна казна за палењето на влезот на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола.

Сметаме, пишува во реакцијата, дека овој пристап ги охрабри и последователните напади кои следувале врз Бугари и бугарски организации во Македонија.

-Нашата загриженост е дека институциите во Скопје, наместо да се обидуваат да спречат нови злосторства врз локалните Бугари и претставниците на бугарската држава, трошат енергија и време обидувајќи се да покажат дека проблем всушност не постои. Овој пристап е контрапродуктивен за аспирациите на Скопје за што побрза европска интеграција – велат од бугарското МНР.

Одлуката на македонскиот Централен регистер за бришењето на бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ од Битола „многу лошо одекна во Брисел“, тврдеше денеска бугарскиот претседател Румен Радев пред новинарите при доаѓањето на состанокот на Европскиот совет.

-Оваа одлука е израз на паника, на немоќ, бидејќи властите во Македонија мора конечно да признаат дека има македонски Бугари, бугарско присуство во Македонија не од денес и вчера, туку со векови, 1.300 години има бугарска историја и културно-историско наследство – рече Радев.

Според него, бришењето на имињата на бугарските клубови немало да ја „избрише цврстата определба на Бугарија, европските институции и нашите европски партнери, Македонија да ги впише македонските Бугари во Уставот. Ова е почетна точка за интеграција на нашиот сосед во ЕУ“.