Организацијата „Граѓанско здружение за заштита на основни индивидуални човечки права“, што го отвори македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, е во ликвидација, пишува во Централниот регистар на Бугарија, објави „360 степени“.
Како причина за затворање на здружението се наведува процес од 2019 година, покренат од бугарското обвинителство, кој сега добива правна разрешница.
Со одлуката за ликвидација, што е правосилна од првата половина на месецов, не бил запознаен ниту основачот на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“, Атанас Мазнев, како што пренесува „360 степени“.
Во случајот отворен од обвинителството во Благоевград се тврди дека целите на „Граѓанското здружение за заштита на основни индивидуални човечки права“ се спротивни на бугарскиот устав и закони.
Градоначалникот на Благоевград Илко Стојанов коментира дека македонскиот клуб е нелегитимен бидејќи не е во согласност со Законот за организација на територијата на Бугарија и додаде дека тој повеќе е канцеларија во која се собираат луѓе на приватна основа. Според Стојанов, клубот не треба да го носи името на Никола Вапцаров. Градоначалникот во пресрет на свеченото отворање на клубот одржано завчера, се огради од настанот.