Пред храмот „Рождество на Пресвета Богородица” во Скопје попладнево свечено беше пречекана Богородичната икона Троеручица од светогорскиот манастир Хиландар. Иконата ја пречекаа архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и голем број свештени лица и верници. По вечерната богослужба се одржа литија низ центарот на Скопје.
Иконата ја донесоа свештеномонасите Агатон, Атанасиј и Иринеј од Скопската епархија, кои со благослов на поглаварот на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија. г.г. Стефан, престојуваа во светогорскиот манастир Хиландар. Тие денеска претпладне во придружба на хиландарскиот игумен, архимандрит Методиј, со дел од манастирското братството, тргнаа со иконата од Света Гора.
Пречекот на иконата Троеручица е во навечерието на празникот Рождество на Пресвета Богородица.
Во храмот „Рождество на Пресвета Богородица” во Скопје утре ќе се отслужи света архијерејска литургија, на која ќе началствува архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, во сослужение на архијереи и свештенослужители на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија и гости.