Демирхисарската летна школа е едукативно-научна и културна манифестација што е насочена кон промовирање, истражување, проучување и афирмирање на македонското културно наследство, историја, археологија, архитектура и уметност, преку работа со студенти, додипломци и постдипломци од Македонија, но и од странство

Селото Смилево и Спомен-костурницата на Даме Груев беа во средиштето на вниманието на секцијата по историја на учесниците на шестата Демирхисарска летна школа, во рамките на богатата програма, која се одвива од 7 до 12 јули. Секцијата по историја предводена од проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, во рамките на посетата на Смилево, ја посети и црквата „Св. Ѓорѓија“, во чиј двор се наоѓаат гробовите на неколку илинденски борци, музејот посветен на Смилевскиот конгрес, како и спомен-паркот „Даме Груев“. Притоа, професорот Ѓорѓиев одржа предавања за значењето на Македонската револуционерна организација (МРО) и значењето на Смилево во илинденскиот период. Во музејот во присуство на членови на здружението „Даме Груев“, м-р Борче Николов одржа предавање на темата „МРО: илегална модерна држава“, додека Дамјан Бужаровски одржа предавање за Смилевскиот конгрес.

На третиот ден од летната школа, учесниците од секцијата по историја предводени од проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев заедно со секцијата по теологија и секцијата по архитектура беа во посета на селата Цер, Велмевци и Брезово. Во селото Цер, учесниците ги посетија вечното почивалиште на војводата Христо Узунов и дванаесетте негови комити и црквата „Св. Атанасиј“. Притоа учесничката Ирена Трајковска одржа предавање за Христо Узунов и неговата улога во Македонското револуционерно движење. По посетата на Цер, следуваше посета на селото Велмевци. Таму беше посетена црквата „Св. Илија“ од 19 век, каде што бил прочитан прогласот за Илинденското востание во Демирхисарскиот Регион. Црквата има особено интересен фрескоживопис, кој сѐ уште не е доволно стручно проучен, ниту пак заштитен. Потоа беше посетено вечното почивалиште на војводата Јордан Пиперката, каде што беше одржано и предавање за истиот тој од страна на Тамара Петреска.

Последното место што беше посетено беше селото Брезово. Тука проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев одржа предавање за економската историја и секојдневниот живот во селото во османлиска Македонија. Исто така во Брезово беше посетена кулата во која во декември 1902 година се криела комитската чета што од нападот на аскерот го штитела војводата Јордан Пиперката и која е опеана во народниот фолклор.
Археолошката секција на Демирхисарска летна школа успешно ја почна работната сесија предводена од проф. д-р Виктор Лилчиќ-Адамс со реализирање увид во фортификацискиот систем на античката и раносредновековна военостратегиска база Кула, Бабино. Притоа беше демонстриран методот на ГПС-документација на недвижните објекти и фортификацискиот периметар. На 9 јули, археолошката секција се подели на две групи. Едната група под водство на професорот Лилчиќ-Адамс го истражуваше вливот на Боишка Река во Црна Река. Во текот на овие активности имаше едукација на избирање најпогодни природни патеки кон утврдувањата кај Жван и Бабино, како и следење на одбранбените ѕидови со ГПС. Втората група под раководство на кораководителот на секцијата А. Стојаноски се упати на Градиште, античкиот Брианиум. Таму беа рекогносцирани западниот и северниот сектор, со цел да се откријат станбени тераси.

Во рамките на шестата Демирхисарска летна школа свои активности имаат и секциите по теологија и по архитектура. Споменатите групи заедно ги посетија селото Бабино и библиотеката АЛ-БИ во која се чуваат неколку десетици илјади книги, меѓу кои имаа и многу ретки изданија. Во продолжение, секцијата по теологија изврши комплетна евиденција на старопечатените богослужбени книги во црквата „Св. Никола“ во истото село. Потоа беше посетена црквата Св. „Архангел Михаил“ во Ново Село.

За обележување е дека во рамките на школата, проф. д-р Сашо Цветковски одржа предавање за портретите на Св. Климент и Св. Наум Охридски во уметноста од 11 до 20 век, по повод 1.130 години од ракополагањето на Св. Климент за епископ и 1.130 години од доаѓањето на Св. Наум. Во домот на културата „Илинден“, Демир Хисар, предавање одржа и доц. д-р Виктор Недески на темата „Иницијативите за обнова на Охридската архиепископија во втората половина на 20 век“. Д.Ст.