ВМРО-ДПМНЕ има предност од 8 процентни поени пред СДСМ, покажува делот за рејтинзите на политичките партии во денеска објавената анкета на ИРИ (Меѓународниот републикански институт). Истражувањето на јавното мислење е спроведено преку интервјуа во живо, на репрезентативен примерок од 1.204 жители на земјава, во периодот меѓу 8 април и 4 мај 2023 година.
На прашањето: „Ако парламентарните избори се одржат претстојната недела, за која партија би гласале (ако воопшто гласале)?“ Одговорите се следни: ВМРО-ДПМНЕ – 19%; СДСМ – 11%; ДУИ – 8%; Алијанса за Албанците – 5%; Беса – 4%; Левица – 4%; Демократска партија на Турците – 1%; Алтернатива – 1%; Други – 3%; Ќе заокружам празно ливче – 3%; Нема да гласам – 15%; Не знам – 18%; Одбива да одговори – 5%.
На прашањето дали ја поддржуваат интеграцијата на земјата во Европската Унија, 79% од возрасните испитаници одговориле со „да“. Ова претставува раст од шест процентни поени во однос на анкетата извршена минатиот октомври.
Со најголем рејтинг е лидерот на ДУИ Али Ахмети со 6 проценти, што е за еден процент повеќе од лани. Второто место го делат актуелниот и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и Никола Груевски од 5 проценти. Актуелниот премиер Димитар Ковачевски е на третата позиција со 4 проценти, па по него се поранешниот премиер Зоран Заев , претседателот на државата Стево Пендаровски и градоначалникот на Тетово Билал Касами со 3 проценти.
Инаку на сите политичари, освен Ахмети, им е намален рејтингот за најмалку еден процент годинава во однос на октомври 2022 година, кога беше спроведена минатата анкета.
Анкетата исто така покажа дека поголемиот број на граѓани немаат доверба во владеењето на правото.
„Лидерите во Скопје мора да се осврнат на ова прашање доколку сакаат да влеат доверба во владата и во политичките институции на земјата“, изјави Мекарти.