По повод Денот на државноста на Србија
Српскиот претседател Александар Вучиќ по повод националниот празник Ден на државноста одликува повеќе заслужни поединци и институции, а меѓу Македонците кои добија ордени се и почеснот конзул на Србија во Македонија – Силјан Мицевски -постхумно, академик Влада Урошевиќ и оперскиот пејач Никола Китановски, јави дописникот на МИА од Белград.
Силјан Мицевски кој беше почесен конзул на Србија во Битола, постхумно доби Орден на српско знаме-трет степен кој се доделува за особени заслуги во развојот на меѓународните односи меѓу Србија и другите земји.
Академик Влада Урошевиќ кој покрај МАНУ е и странски член на Српската академија на науките и уметностите (САНУ) е одликуван со Орденот Сретење – прв степен кој се доделува за особени заслуги за Србија и нејзините граѓани во областа на јавните, економските, културните, образовните, спортските и хуманитарните активности.
Оперскиот пејач и тенор, професор по соло пеење на Факултетот за музичка уметност во Белград, Никола Китановски кој родум е од Скопје, е одликуван со орденот Караѓорѓева ѕвезда – трет степен што се доделува за особени заслуги и успеси во претставувањето на државата и нејзините граѓани.
Српскиот претседател додели над 100 ордени и медали на дипломати, писатели, новинари, актери, пејачи, спортисти, институции, меѓу кои и на Берге Бренде, Чен Бо- претседател на кинескиот институт за меѓународни односи, Раул Бартоломе Молина – амбасадор на Кралството Шпанија во Србија, советник на рускиот претседател Владимир Путин – Владимир Толстој, Зорица Брунцлик, Лепа Лукиќ, Никола Пејаковиќ, Дејан Милојевиќ, групата Кербер, епископот нишки Арсеније, Туманскиот манастир, Радио Белград (100 години), „Вечерње новости“ (70 години), Институт за нуклеарни науки „Винча“ (75 години) и други.