Фото: Архива

Изјавите на Димитар Ковачевски во врска со правата на Македонците во Бугарија се за поздравување, соопштија од ОМО Илиден – Пирин, потсетувајќи на зборовите на премиерот.

Тој изјави „ги повикувам бугарските власти согласно одлуките на судот, согласно европските правни норми за заштита на малцинските права да постапат бидејќи станува збор за земја-членка на Европската Унија и тие граѓани што се граѓани на Бугарија и се самоопределуваат како Македонци во исто време се и граѓани на Европската Унија“ и „има граѓани во Бугарија што се самоопределуваат како Македонци и ним им припаѓаат правата кои согласно нивното уредување, согласно европските норми и правила треба да им биде овозможено да ги остварат“.

– Ние секој пат сме декларирале дека правата на човекот (а во таа смисла и правата на малцинствата) не се внатрешно прашање на ниту една држава. Инсистирањето на Бугарија да ѝ го одземе правото на Македонија да реагира во врска со кршењето правата на своите државјани со македонски идентитет е спротивно со меѓународното право и практика, обид да се озакони политиката на асимилација и дискриминација што Бугарија ја применува. Договорот за добрососедство не може да суспендира меѓународни правни принципи, а ниту да ограничи повици од македонските кон бугарските власти во истата насока – велат од здружението на Македонците во Бугарија.

Оттаму изразија надеж дека изјавите на Ковачевски ќе означат промена на македонската владина политика.

– Се надеваме дека овие изјави бележат една промена на политиката на владата на  Македонија и ако е така тоа ќе го поздравиме и поддржиме. Но исто така потсетуваме дека поддршката на македонските малцинства во странство не смее да остане само на зборови, неопходни се и дела. Дека најспроведливо решение е реципроцитет базиран на меѓународните стандарди за правата на малцинствата. Ако некоја земја бара друга земја да менува устав, истото може да биде побарано и од неа – се наведува во соопштението.

ОМО Илинден – Пирин за корен на проблемот го смета негирањето од бугарската страна на постоењето на македонско малцинство.

– Она што е важно да не се заборава е дека коренот на проблемот е во негирањето од страна на бугарската држава на самото постоење на македонското малцинство кај неа, а што е последица од генералното негирање на македонската нација, идентитет и култура генерално. Ова е суштинскиот проблем меѓу двете држави со кој Македонија мора да се соочи, а единствено можното и справедливо и достоинствено за двете страни решение е Бугарија да запре со негирањето на македонската нација и нејзините атрибути, што неизбежно го вклучува и запирањето на негирањето и дискриминацијата на припадниците на македонското малцинство во Бугарија – заклучуваат од ОМО Илинден – Пирин.