Политичките партии и денеска со меѓусебни обвинувања за рудникот во Иловица.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат кога во прашање се бизнис интересите и криминалот на ДУИ министрите во владата безпреговорно гласаат и даваат поддршка, за потоа пред граѓаните да лажат дека се против и протестираат против своите одлуки.
„Доколку е точна изјавата на дел од министрите во владата дека биле изманипулирани и не знаеле точно за што гласаат, Димитар Ковачевски треба веднаш да го разреши министерот за економија. Секако доколку смее да му се протистави на Али Ахмети и ДУИ. Ковачевски ако не го разреши Бектеши заради овој скандал со кои следува уништување на струмичкиот регион, редно е оние министри кои биле изманипулирани да си поднесат оставка и да престанат да му слугуваат на ДУИ и Али Ахмети“, пишуваат од партијата.
Од СДСМ, пак, им вратија дека проблемот со Иловица го создадале тие, односно Владата на Никола Груевски на кого Мицкоски му беше советник.
„Во 2012 и 2013 година се започнати сите постапки за отворање на рудник во Иловица и доделени првите концесии токму од Владата на ДПМНЕ и Никола Груевски, кога Мицкоски беше негов советник. Општините Ново Село и Босилово со градоначалници од ДПМНЕ имаат позитивна одлука за рудник. Дури и во изборната програма ДПМНЕ се фалеше со рудник во Иловица од 2017 година. Со години СДСМ се обидува да ја исправи неправдата врз граѓаните создадена од ДПМНЕ и заглавена во судски лавиринти“, рекоа од владејачката партија.
Вчера стотици гаѓани под жешкото сонце ја блокираа крстосницата во центарот на Струмица искажувајќи го својот револт против отворање на рудник во Иловица. Со себе носеа транспаренти, свирчиња, а дел правеа бучава и со разни предмети што си ги земале од дома.