СО КОЛЕКТИВЕН ДОГОВОР ПОСКОРО ЌЕ СЕ РЕАЛИЗИРА ПОКАЧУВАЊЕТО

Решивме да формираме синдикат кој ќе биде репрезентативен, а целта ја постигнавме за два дена, период во кој веќе имавме околу 1.000 членови. Инаку членови може да бидат сите што имаат склучено договор со високообразовни установи во државата. Тоа е единствената форма во овој момент која ќе донесе повисоки плати за 10 отсто. Кога би оделе со законски измени, тоа би одзело премногу време. Ова покачување е веќе планирано, предвидени и издвоени се средства од буџетот, вели ректорот проф. д-р Јанкуловски

За да се зголемат платите во високото образование од буџетски средства, постојат два начини – едниот е со измени на законот, нешто што е процедура и за тоа е потребно време, а вториот начин е со колективен договор потпишан меѓу репрезентативен синдикат и основачот на УКИМ, односно Собранието на РСМ или орган што Собранието ќе го овласти. Ние решивме да формираме синдикат и на тој начин поскоро да го решиме покачувањето, вели за „Нова Македонија“ ректорот на најстариот македонски универзитет проф. д-р Никола Јанкуловски, откако во јавноста се актуелизира прашањето за зголемување на платите и идејата тоа да се случи преку формирање синдикат.

– Решивме да формираме синдикат, репрезентативноста ја постигнавме за два дена, период во кој веќе имавме околу 1.000 членови. Тоа е единствената форма во овој момент која ќе донесе повисоки плати за 10 отсто. Кога би оделе со законски измени, тоа би одзело премногу време. Ова покачување е веќе планирано, предвидени и издвоени се средства од буџетот – појаснува Јанкуловски.

Тој вчера дополнително и со демант реагираше откако професорката Маја Стевановиќ од Независниот академски синдикат, во јавноста изнела, како што вели ректорот, груби невистини за наводно узурпирање на академската слобода и притисоци врз вработените на Универзитетот за членство во синдикатот на УКИМ.

„Мојата обврска како ректор на најголемиот универзитет беше да споделам информација која потекна од Министерството за образование и наука за ветеното зголемување на платите и потребата истото да се реализира со потпишување на колективен договор на ниво на универзитети. Синдикалното здружување е доброволно. Не можам да не ја споделам таквата информација од МОН, бидејќи платите во високото образование се многу ниски. Во ниту еден момент не е направен притисок врз било кој вработен и за само два дена постигната е репрезентативност од над 30 отсто од вработените на УКИМ од кои повеќе од половината се наставно-научен кадар. Самото тоа е доказ дека ниту се имало намера да се изврши притисок, а ни желба ни време тоа да се направи врз околу 1.000 вработени. За жал, Независниот академски синдикат, чиј член е проф. Стевановиќ, не успеа да постигне репрезентативност за речиси четири години од неговото формирање, што е веројатно и причина за ваквиот однос кон оваа ситуација“, пишува во демантот од ректорот.

Тој потенцира и дека грубо бил обвинет дека го казнил Факултетот за драмски уметности со 20.000 евра, нешто што, како што тој тврди, претставува ноторна лага.

„Невистина, и повторно лажно обвинување е дека не сум ги праќал барањата за нови вработувања во МОН за потребите на Факултетот за драмски уметности. Со ваквите лажни тврдења на проф. Стевановиќ се нарушува мојот и угледот на целиот Универзитет. Ја известувам јавноста и медиумите дека во секој момент можат да ги проверат овие лажни обвинувања“, завршува проф. Јанкуловски.

Во меѓувреме, не е исклучена можноста Независниот академски синдикат да протестира ако ректорите потпишат колективен договор за покачување на платите. Според нив, Министерството не може да потпише колективен договор со синдикатот формиран од УКИМ и тврдат дека тоа може да го направи само работодавачот, а во случајот тоа е ректорот со овластување од Собранието. За Независниот синдикат, како и за Синдикатот за образование, наука и култура, недозволиво е формирањето нов синдикат како услов за повисоки плати за 10 отсто, без наведување на причините зошто.