Итната медицинска помош (194) и понатаму ќе биде под капа на државата и граѓаните нема да плаќаат, дециден е министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој објаснува откако измените за Итната медицинска помош заглавија во Собрание, како последица на меѓупартиските обвинувања меѓу власта и опозицијата.
Според Филипче, во Законот јасно пишува дека Итната медицинска помош може да ја врши само јавно-здравствена установа. Со измените кои се предлагаат, ќе бидат ставени во законска рамка и приватните здравствени установи, коишто нудат ваква услуга.
-Постои дупка во законот, со измените само ќе се стави во законска рамка она што се случуваше досега. Нема простор за паника, Итната медицинска помош и понатаму ќе биде под капа на државата и граѓаните нема да плаќаат – вели Филипче.
Исклучок ќе бидат граѓаните, коишто по своја волја ги повикуваат приватните клиники за услуга. Тие и досега плаќаа за итна медицинска помош од приватните клиники, а тоа е незаконско, според министерот. Покрај јавно здравствената установа, итната медицинска и стоматолошка помош и домашната посета ја прават и приватните установи „Неуромедика“, „Жан Митрев Клиник“, а со транспорт започнува и „Никоб“.