Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) очекува да биде стожер на неговото креирање во насока на негово прилагодување на европското и светското трудово законодавство, во годината во која се одвиваат активности за изготвување нов закон за работни односи, истакна претседателот на ССМ, Дарко Димовски, читајќи го првомајскиот проглас на протестниот марш што почна пред зградата на синдикатот, за потоа да продолжи пред Собранието и пред Владата, каде што учесниците имаа средба со премиерот Зоран Заев, извесувајќи ги нивните барања.
ССМ понудил текст на нов закон за работни односи за кој очекува да биде сериозно разгледан од нивните социјални партнери.
– ССМ се залага и бара поголеми инвестиции, подобри економски политики и обезбедување на правото на работа за сите. За креирање реално одржливи работни места, за повеќе работни места за жените, младите и лицата со попреченост, за сигурност на работните места и договори за вработување на неопределени работно време, стоп за договорите на определено работно време, здрави и безбедни работни места, минимална плата од најмалку 13.800 денари, повисоки лати за младите да останат, обезбедување социјална заштита и сигурност, стабилен пензиски систем, стоп за подигање на границата за пензионирање, зголемување на испратнината при отказ најмалку за 12 плати, сабота и недела денови за работен одмор, право на регрес за годишен одмор за сите вработени, стоп за мешање во синдикалното организирање и посебен закон за синдикати. Сите барања се прогресивни, развојни и мотивирачки. Денес на седница на економскиот социјален совет ќе му ги доставиме на премиерот и се надеваме дека во брзо време овие барања ќе бидат решени – Димовски и ги повика синдикалните лидери да влезат на седницата во Влада.
Поголеми инвестиции, креирање реални и одржливи работни места, подобри економски политики и обезбедување на правото за работа за сите, повеќе работни места за жените, младите и за лицата со попреченост, сигурност на работните места и договори за вработување на неопределено време, се меѓу целите за кои се залагаат синдикалците.
Меѓу нивните барања спаѓаат и минимална плата од барем 13.800 денари, стабилен пензиски систем – запирање на зголемувањето на границата за пензионирање, зголемување на испратнините при отказ од деловни причини на 12 плати и право на регрес за годишен одмор за сите вработени.
Мото на првомајскиот марш на ССМ беше „Не може да се одлучува за нас, без нас“. Со транспаренти на кои беше испишано „Регрес за годишен одмор за сите“, „Платите да пораснат, младите да останат“, „Сабота и недела денови за неделен одмор“ и ред други се маршираше покрај Собрание, покрај Министерство за правда покрај Поштата до Влада.