Директивите на Тодор Живков како ехо одѕвонуваат
во реториката на официјална софија
Она што во Македонија може да се сфати како провокација во настапот на бугарскиот претседател Радев при одбележувањето 118 години од Илинденското востание, кое го преименуваа во Илинденско-преображенско востание, е и самото поврзување на двете територијално, временски, национално и организациски различни востанија, наметнувајќи им ја „идејата за бугарско обединување“. Сепак, историчарите истакнуваат факти дека двете востанија се сосема независни, а нивното поврзување во Бугарија се случува со политички декрет, односно со резолуција на тогашниот лидер на Бугарската комунистичка партија, Тодор Живков, во 1968 година
Предизвикот на македонските евроинтеграции, кој се сведе на хронични опструкции и уцени од соседите, во текот на летово како да беше потиснат во втор план. На пример, соседна Бугарија веќе една година ја има преземено улогата на активен прима-блокатор на почетокот на преговорите на Македонија за членство во Европската Унија. Но неодамна, македонскиот претседател Стево Пендаровски на средба со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во Украина, го реафирмира ставот дека „одржувањето на првата меѓувладина конференција во најскоро време е клучен приоритет за Македонија“, реферирајќи на неоснованите опструкции на прима-блокаторот од Софија. Притоа Пендаровски нагласил дека е неопходно Европската Унија да ги зголеми напорите за да се динамизираат односите со земјите од Западен Балкан, додавајќи дека билатералните прашања не треба да бидат пречка за валоризирање на напредокот на ниту една земја на патот кон Европската Унија и дека во тој контекст треба да се бара решението за нашата држава.
„Бекхенд“ од Софија
Од друга страна и претседателот на Бугарија, Румен Радев, повторно ги активира бугарските историски фрустрации, поврзани со Македонија, кои се и клучниот услов за попуштање на бугарското вето за македонските евроинтеграции. Имено, на одбележувањето на 118-годишнината од Илинденско-преображенското востание (формулација што се употребува во Бугарија, како обид за поврзување на двете различни востанија за да добијат бугарски карактер), под покровителство на институцијата на бугарскиот претседател, Румен Радев во својот говор истакнал дека „овој светол датум засекогаш духовно ќе ги поврзе Бугарите од Тракија и Македонија“, како и дека „Од Охрид до Црно Море, Бугарите ја распалуваат стихијата на револуцијата. Револуција во одбрана на обесправените, за бугарското име, за личното достоинство, што стои повисоко од имотот и животот“. Посегањето по темата за Македонија и македонското прашање од актуелниот бугарски претседател, влезен во изборна кампања за втор претседателски мандат, навестува дека бугарските политичари и понатаму ја сметаат како добитен адут за освојување на власта во нивната земја. Но таквата изборна стратегија на бугарските политичари, за Македонија и нејзината европерспектива значат соочување со нови историски провокации, продолжување на опстојувањето на апсурдните уцени за отстранување на ветото и ново одложување на одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ… Отворената опција за трети парламентарни избори во Бугарија, поради неможноста земјата да добие политичка влада ни по два вонредни изборни процеси, дополнително ја потенцира можноста за манипулации, имагинации и политички халуцинирања со македонската тема како изборен адут во соседната земја.
Рециклирање на хегемонистичката реторика за Македонија
и Македонците, веќе видено сценарио
– Штом се толку чести провокациите на бугарските политичари упатени кон Македонија, поврзани со историските и националните прашања на Македонците, очигледно е дека имаат проценето дека таквата реторика минува кај нивниот електорат. Со оглед на сѐ поголемата ескалација на политичката криза во Бугарија, треба да се очекува таквата реторика во нивното предизборје (и за избор на претседател, а уште повеќе ако има и нови парламентарни избори) да биде почеста, побрутална и повеликобугарска спрема Македонија. Освен тоа, кога станува збор за избор на претседател на државата, кој има изразени ингеренции во водењето на надворешната политика, односите и политиката спрема Македонија, се чини се наметнуваат како неизбежни во програмата за кандидат за претседател на Бугарија. Она што треба да е загрижувачки за Македонија и македонската политика, е што со секој изборен циклус во Бугарија, сѐ подоминантен е впечатокот дека македонската тема се експлоатира на начин како таму да се гласа за Македонија, а не за Бугарија – вели политичкиот аналитичар Александар Пандов.
Според Пандов, македонската јавност се чини како да е веќе отрпната на провокациите од Софија, делумно поради сознанието дека во некој нареден брз период не се очекува придвижување во спорот што го наметна Бугарија за нашите евроинтеграции, а многу повеќе поради немоста на македонските политичари на сите бугарски провокации. Сепак, тој смета дека таа тема треба да се држи отворена и во Македонија.
– Иако историскиот спор е вештачки наметнат од бугарската страна, тој станал реален проблем за Македонија, за македонските евроинтеграции, па и за политичкото функционирање во земјата. Затоа граѓаните треба да бидат информирани и да знаат кој актер на македонската политичка сцена какви ставови застапува во однос на спорот и прашањата што ги актуализира Бугарија и со кои сѐ почесто настапува провоцирачки спрема Македонија – смета Александар Пандов.
Илинденското востание не е и „Преображенско“
и има чист македонски карактер
Она што во Македонија може да се сфати како провокација во настапот на бугарскиот претседател Радев при одбележувањето на 118 години од т.н. Илинденско-преображенско востание е и самото поврзување на двете територијално, временски, национално и организациски различни востанија, наметнувајќи им ја „идејата за бугарско обединување“. Сепак, историчарите истакнуваат факти дека двете востанија се сосема независни, а нивното поврзување во Бугарија се случува со политички декрет, односно со резолуција на тогашниот лидер на Бугарската комунистичка партија, Тодор Живков, во 1968 година.
– Илинденското востание има чист македонски карактер и никако не може да се поврзе со Преображенското востание. Во ниту еден документ на Организацијата (Македонската револуционерна организација) не се споменува Преображенско востание. Во сите документи се нарекува Илинденско востание. Преображенското востание се одвива на друга територија, во друга организација, други востаници и си има сосема друг тек. Дилемата дали тоа било Илинденско или било Преображенско-илинденско или Илинденско-преображенско постои само кај оние што се обидуваат на кој било начин да „докажат“ дека тие две востанија се раководени од еден центар и за една иста цел. Центарот е Софија и дворот на кнезот, а целта е обединување на Македонија со Бугарија. Дури се појавија и тврдења дека во документите се зборува за Преображенско-илинденско востание, но македонските историчари ги фалсификувале документите. Но документите се неумоливи. Илинден е исклучиво македонски празник. Кој мисли поинаку, се лаже и себеси и другите. Тоа што голем дел од организацијата на востанието одела преку Бугарија не значи дека тоа е бугарско. Истата ја водат, пред сѐ, македонски револуционери. Македонската револуционерна организација (МРО), како секоја илегална организација, барала помош за реализирање на своите идеи и цели. Во организирањето на востанието го вложила целиот свој физички и материјален потенцијал за тоа да биде што подобро организирано. Од своја страна, Бугарија вети „200.000 штикови“ како помош на македонските востаници. Но тоа не се случи. Востаниците мораа самите да се борат против Османлиите до крајот на ноември 1903 година. Востанието заврши со неуспех, но му покажа на светот за желбата на еден народ да биде свој на своето, со своја држава, нација, јазик и култура – ги објаснува историчарот Тодор Чепреганов, исклучително македонскиот карактер на Илинденското востание и скриените намери во поврзувањето со Преображенското востание.
Чепреганов понатаму укажува дека по востанието, во репресиите страдаше македонскиот народ. И сосема е нормално што Илинденското востание живее единствено во колективната меморија на македонскиот народ, бидејќи само тој, македонскиот народ, ја прифати одлуката на Организацијата да се крене, да учествува и да го води и на крајот да ги трпи последиците од востанието. Ниту еден друг народ на Балканот не учествувал во Илинденското востание.
И подоцна, Илинденското востание го чествуваат исклучиво Македонците, односно македонските иселеници во Бугарија. Во првите години по востанието, тоа чествување било повеќе спонтано, а од 1920 г. тоа е организирано од Илинденската организација на Македонците во Бугарија. Бугарската држава на почетокот немала улога во тоа чествување. Во делот на Македонија што бил под српска окупација во тој период меѓу двете светски војни, не било дозволено чествувањето на Илинденското востание. Иако во Бугарија, одвреме-навреме се појавувале обиди за поддржано чествување од државата на Илинденското востание, гледајќи колку тоа им е важно на многубројните доселеници од Македонија, флагрантното политичкото присвојување на востанието се случува во 1968 година.
– Во 1968 година, по директива на Тодор Живков, на пленум на Комунистичката партија на Бугарија, било донесено решение, кое морале да го почитуваат и историчарите, за поврзување на Илинденското и Преображенското востание. Со партиска директива се настојува да им се даде бугарски карактер на двете целосно различни востанија, во интерес на великобугарската идеја, а сосема спротивно на историските факти и колективната меморија. Иронично поразително е што и денешните бугарски политичари, кои сакаат да бидат перципирани како демократски, и понатаму се придржуваат на директивите на Тодор Живков и Бугарската комунистичка партија и врз таквите „аргументи“ испраќаат политички провокации спрема Македонија и ја блокираат нејзината европска перспектива – вели историчарот Тодор Чепреганов.