Од страна на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата предадена е опрема во вредност од над 7 милиони денари за потребите на сообраќајната полиција.
– Задоволство ми е во име на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и во мое лично име да изразам благодарност до Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата за опремата обезбедена за зајакнување на капацитетите на надлежните сообраќајни единици во МВР – рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, при преземањето на опремата.
Со цел зголемување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, Републичкиот совет секоја година 30 % од средствата ги наменува за модернизација на уредите и опремата на надлежната организациска единица во Министерството за внатрешни работи, која врши контрола и регулирање на сообраќајот на патиштата. Во согласност со таа законска обврска, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата годинава обезбеди 15 мотоцикли ПИАГГИО Беверлy 300 со комплет опрема, и тоа по 15 комплети заштитен шлем – кацига, виндјакни, панталони за мотоциклистите, чизми, во вкупна вредност од 7.150.761 денар.
Министерот Спасовски ја потенцира добрата соработка меѓу Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Министерството за внатрешни работи.
– Безбедноста во сообраќајот е наш важен приоритет и заеднички со превентивните кампањи, но и со спроведување зајакнати репресивни мерки, изминативе неколку месеци докажавме дека е можно намалување на бројот на сообраќајни незгоди и подигнување на нивото на сообраќајна култура кај сите учесници во сообраќајот. Во таа насока ќе бидат и нашите заложби и активности во периодот што следува – рече Спасовски.
Претседателката на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Гордана Кожуваровска, изразувајќи задоволство од досегашната успешна соработка, рече дека искуството од минатите две години покажува дека РСБСП и МВР се пример за позитивна и успешна меѓуинституционална соработка и поддршка, што ќе продолжи и во наредниот период.
– Континуираното унапредување на работата на сообраќајната полиција и подобрувањето на нејзините капацитети е од исклучителна важност за подобрување на безбедноста на патниот сообраќај – рече Кожуваровска.