Традиционално, за Први мај граѓаните практикуваат да излезат во природа, каде што фамилијарно приготвуваат скара и се дружат. Во тој поглед не беше исклучок ниту Кичевско, каде што поголемиот број граѓани се одлучија првомајскиот излет да го поминат во СРЦ „Крушино“, манастирите „Свети Ѓорѓија“ и „Света Пречиста“, во крајбрежјето на Треска, а голем број млади престојуваа во родните села или во локалите околу градот.
Навиката за овој ден да се престојува во природа граѓаните ја продолжија и годинава, но не ја изневерија традицијата ѓубрето што самите го создале во текот на денот да го остават во непосредна близина на местото каде што престојувале, додека сосема мал број луѓе го одложија ѓубрето во некој контејнер или место предвидено за таква намена.
– Ова не е првпат ниту ќе биде последен, навиките стекнати низ годините ѓубрето да се остава на места каде што се престојува продолжија и годинава. Со овие свои постапки покажуваме како да не се наоѓаме во Европа и како на сите да ни е грижа единствено убаво да си поминеме, а за ѓубрето друг нека се грижи – вели Златко, екологист од Кичево.
И ако патот деновиве ве одведе до СРЦ „Крушино“, непосредно крај самите терени можат да се забележат поголеми количества расфрлано ѓубре, шишиња, најлони и сѐ што им користело во текот на денот, а премал е бројот на граѓаните што се погрижиле сопственото ѓубре да го соберат во најлони и да го остават на пропишано место.
– Сликата од СРЦ „Крушино“ е најдобар показ за нашето однесување и каков народ сѐ уште сме. И покрај тоа што поголемиот дел наши сограѓани барем еднаш престојувале на Запад и самите можеле да се уверат како тамошните жители се грижат за околината и како функционираат, со нашето однесување и неодговорност уште еднаш покажуваме дека навиките тешко се менуваат и како да не можеме да разбереме дека вакви алтернативни простори немаме.
За да ни биде убаво, сите треба да бидеме одговорни пред природата и да се грижиме за нашето опкружување, а овие слики што поскоро да ги снема од нашиве простори – вели Драган, љубител на природата, кој мошне е загрижен за овие појави.
Чудно е што сите се разочарани од овие појави, но никако да проработат колективната свест и самоодговорноста на сите граѓани од регионот и овие слики засекогаш да бидат минато.