Фото: Маја Јаневска-Илиева

Одзивот од 34,72 отсто од вкупниот број запишани гласачи во единствениот избирачки список јасно покажа дека не е исполнет законскиот цензус за референдумот, кој ДИК го соопшти, а изнесува 50 отсто плус 1 гласач, за тој да биде прогласен за успешен. Според ДИК, вчера на гласање излегле 620.077 гласачи до 18.30 часот, додека законскиот цензус според ДИК изнесуваше 903.168 гласачи. Тоа автоматски значи дека законскиот цензус не беше постигнат.

Според првичните податоци што ги објави Државната изборна комисија (ДИК) на својата веб-страница, до затворањето на денешниот број на „Нова Македонија“, од обработени 20 проценти од избирачките места, „за“ на референдумското прашање се изјасниле 91,03 отсто, а „против“ биле 6,03 отсто од гласачите.

По затворањето на избирачките места, група граѓани се собраа пред Собранието да го прослават за нив неуспешниот референдум – Фото: Игор Бансколиев

Инаку, право на глас на овој референдум, според кој се одредуваше и цензусот, имаа 1.806.336 гласачи што се запишани во избирачкиот список, а изјаснувањето се спроведуваше на 3.480 избирачки места, во 80 општини во земјата.

Општини во кои беше забележан најголема одзив до 18.30 часот се: Сарај 65,59 отсто, Студеничани 44,46 отсто, Пласница 44,01, Дојран 42,32 отсто, Карпош 42,67 отсто, Крушево 41,93, Арачиново 49,36 отсто. Општини со најмал одзив се Илинден 16,98, Могила 21,19 и Ново Село 16,22 отсто. Референдумскиот ден мина без поголеми инциденти, со одредени мали нерегуларности.

И покрај техничките податоци за одзивот и резултатите што ги објавува, Државната изборна комисија се огради од оцената за успешност на референдумот.

Набљудувачите на ОБСЕ будно го следеа текот на гласањето – Фото: Маја Јаневска-Илиева

 


Собранието да ги донесе уставните измени или предвремени избори веднаш

Половина час по затворањето на гласачките кутии во 19 часот, се обрати и премиерот Зоран Заев. Тој оцени дека е спроведен мирен и демократски референдум и оти доколку видливо мнозинство граѓани гласале „за“, тогаш нивната волја треба да се спроведе во законодавниот дом, а во спротивно ќе бидат организирани предвремени парламентарни избори

– Волјата на оние што гласаа на овој консултативен референдум треба да се претвори во политичка активност во законодавниот дом. Ако навистина, како што очекуваме сите, имаме видливо големо огромно мнозинство „за“ од оние што гласале, тогаш јасна е иднината. Гласот на пратениците во Собранието треба да биде глас за одлучно да ги забрзаме процесите за конечно членство во НАТО и во ЕУ. Очекуваме пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ја почитуваат демократската одлука, а во спротивно ќе треба да ја употребиме другата алатка, а тоа значи предвремени парламентарни избори – рече Заев на прес-конференција во хотелот „Александар палас“.


Мицкоски: Имаме длабоко неуспешен референдум

Граѓаните што гласаа против договорот и оние што oдбраа да апстинираат, ја испратија најгласната порака – ова е Македонија.
– Македонија денеска соопшти дека договорот не поминува. Имаме длабоко неуспешен референдум, политиката на Зоран Заев доживеа дебакл. Бројот на граѓани што не дадоа поддршка, односно бројот на граѓаните што апстинираа е драстично поголем од оние што гласаа за договорот. Договорот со Грција доби стоп од народот, а не зелено светло. Народот покажа исклучителна демократска и патриотска свест. Граѓаните што одбраа со апстиненција да кажат што мислат ја испратија најгласната порака – „Ова е Македонија“! Овде живеат Македонци, нашиот идентитет е македонски, нашиот јазик е македонски, нашите предци биле Македонци – изјави вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прес-конференција, заблагодарувајќи им се на граѓаните.


Џафери: Моето име го немаше во избирачкиот список

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, ги искажа своите импресии по референдумот одржан во Македонија. Првиот човек на Собранието не гласаше на референдумот поради тоа што неговото име го немало на избирачкиот список.
– Не можев да го искористам демократското право, моето име не беше на избирачкиот список. Се надевам дека се работи за изолиран случај и дека немало други вакви случаи – изјави Џафери.

Тој истакна дека референдумот ќе биде основа за идните процеси што ја очекуваат земјата во период што следува.
– Граѓаните денеска со референдумот ги поставија темелите на иднината на Македонија. Се надевам дека ова е една подобра иднина и овој ден ќе биде основа за идните процеси што нè очекуваат во следниот период. На крајот, дозволете ми да им честитам на граѓаните за овој значаен ден – рече Џафери.