Претседателката на Македонската асоцијација на новинарите (МАН), Ивона Талевска, побара да запре прогонот кој, според неа, се врши врз медиумите и новинарите, на протестот што се одржа пред Обвинителството, откако тие покренаа постапка против Александар Митовски од „Инфомакс“ за објавениот записник од случајот „Рекет“.
Таа посочи дека Македонија заедно со Турција е на ниско ниво во медиумските слободи.
– Овој протест на МАН е под мотото ‘На новинарскиот збор одговорете со збор, а не со апсење и прогон и обвиненија’, и тоа сакаме да го порачаме. Додека го одржуваме овој протест пред ОЈО, во просториите на ‘Нетпрес’ се врши претрес за објавена истражувачка сторија. Тоа се методите на ОЈО. Се водат над 60 истраги, предистраги и процеси против медиуми и новинари кои не се блиски на актуелната владејачка структура. Тоа го правеше СЈО, сега го прави ОЈО. Ова мора да запре – рече претседателката на МАН, Ивона Талевска.
Митовски од „Инфомакс“, кој го објави записникот од оштетениот Орце Камчев за случајот „Рекет“, посочи дека притисокот што го чувствува е неподнослив. Тој апелираше до републичкиот обвинител Љубомир Јовески и премиерот Зоран Заев да престанат со прогон.
– Овој протест не е за мене, туку за сите нас од фелата кои сакаме да работиме чесно. Тука видов луѓе кои се остри соперници, но застанаа рамо до рамо да ја бранат слободата на говорот. Во моментов се врши претрес во редакција, која е исто така опозициски настроена, критички настроена, за текст. Притисокот што се прави е неподнослив. Еднаш мора да застанеме заедно и да кажеме дека е доста. Се надевам дека апелите ќе стигнат до обвинителот Јовески, премиерот Зоран Заев. Пораката е да се замолчат новинарите, да се укине слободата на говорот. Секој кој ќе помисли да го критикува овој правосуден систем кој тоне во корупција – рече Митовски.
Прашана од новинарите „Што е сменето од времето кога беше апсен новинарот Томислав Кежаровски“, претседателката на МАН, Ивона Талевска, рече дека разликата е во процентите на прогонот.
– МАН и тогаш ги поддржа протестите, и кога стануваше збор за Кежаровски. Разликата е во процентите на прогонот. Ние сме лидери во регионот на европско ниво во медиумски неслободи, во споредба со 2012 до сега. За протестов имаме поддршка од колегите од Бугарија, Србија, Косово, Албанија, односно од нашите сестрински здруженија. Имаме колеги од ЗНМ присутни на овој протест, а дали го поддржуваат овој протест, ќе го прашате Младен – констатираше Талевска.
Од Обвинителството, во соопштение појаснија дека притив Митовски е поднесено обвинение за кривично дело оддавање службена тајна бидејќи со објавувањето на првата страница од Записникот за прием на кривична пријава изготвен од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на јавноста ѝ биле достапни податоците што претставуваат службена тајна.
– Со Записникот за прием на кривична пријава се поведува предистражната постапка и тој записник претставува составен дел од предметот и од обвинителските списи кои што се службени по својата природа. Затоа со објавувањето на записникот е постапено спротивно на член 289 од Законот за кривична постапка. Јавното обвинителство, како единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривичните дела, согласно својата уставна и законска положба, е обврзано да ги гони сите сторители на кривични дела за кои се обезбедени докази на законит начин, како што тоа е направено во конкретниот случај – се наведува во соопштението.