Во борбата за доминација меѓу православните цркви, сосема извесно е дека заложник станува Македонската православна црква-Охридска архиепископија, односно признавањето на нејзината автокефалност. Но, според поширокиот контекст на анализата на аналитичарите, во таа борба за превласт меѓу вселенскиот и рускиот патријарх не страда само МПЦ туку речиси и целото православие
Веста што неодамна ја објавија руските медиуми дека Московската патријаршија со поддршка на руската држава планира да потроши две милијарди долари за надградба на својот духовен центар има многу посуштинска порака, односно обид за доминација во православието, отколку што зборува јавноста, дека било само инфраструктурно јакнење на административниот центар на Руската православна црква. Токму затоа и најголем дел светски медиуми на веста ѝ дадоа наслов дека Руската православна црква има планови за изградба на сопствен Ватикан. Сепак, познавачите на состојбите во православието велат дека овој проект не е нов и не е сегашна идеја. Иницијативата „Сергиев Посад“ да стане светски центар на православието датира многу одамна, а од 2017 година на таа тема се водат разговори меѓу црковните и државните власти во Русија.
Враќањето на идејата во јавност се случува токму во период кога Руската православна црква е во отворен судир со Вселенската патријаршија, откако таа ја призна автокефалноста на Украинската православна црква. Токму во тој контекст треба да се гледа и одлучноста на Руската црква да ја наметне својата моќ како доминација во православието и да го преземе приматот на Вселенската патријаршија, а центарот на православието од Фанар (Истанбул) да го пресели во Сергиев Посад (Москва).
Според познавачите на состојбите, во таа борба за доминација сосема извесно е дека како заложник останува Македонската православна црква-Охридска архиепископија и признавањето на нејзината автокефалност. Но во таа борба за превласт меѓу вселенскиот и рускиот патријарх не е само МПЦ туку речиси и целото православие.
– Особено под притисок се автокефалните православни цркви, од кои Руската црква бара да застанат на нејзина страна, а вселенскиот патријарх бара да продолжи историската традиција на почитување на одлуките на Фанар како прва црква меѓу еднаквите. На страната на Руската црква се реалната моќ и бројноста, а на Вселенската патријаршија само историското наследство – објаснуваат познавачите.
МПЦ е на страната на традицијата и каноните
Иако Македонската православна црква стриктно ги почитува каноните и традицијата, аналитичарите велат дека во оваа битка засега МПЦ нема јасно профилирана страна, но го избра патот преку Вселенската патријаршија да го бара признавањето на својата автокефалност. Ако дојде до тоа, според верските аналитичари, сосема е јасно дека МПЦ-ОА ќе ја избере страната на Вселенската патријаршија, а СПЦ страната на Московската патријаршија.
Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски вели дека ова е само резултат на сѐ поочигледната битка за превласт во православието, која никогаш не е престаната.
– Во периодот на подготовките за сеправославниот собор се чинеше дека е намалена, дека ќе се надмине, но по бојкотот на соборот од четирите цркви, јасно е дека Вселенската патријаршија тргна во битка за враќање на својата улога. Москва уште тогаш најави дека таа ќе организира вистински сеправославен собор, а се кулминира со признавањето на УПЦ од страна на ВП. Тогаш стана јасно дека Москва веќе нема да ги признава ВП и Цариград како центар на православието. И ова сега само е чекорење и влечење потези во таа насока – објаснува Ѓорѓевски.
Според него, тешко дека на РПЦ ќе ѝ успее Москва да ја претвори во центар на православието.
– Одразот на нивните ставови околу ВП и УПЦ, односно не многу големата поддршка што ја доби Москва од другите православни цркви укажува дека и оваа идеја нема да помине меѓу православните цркви. Прифаќање на една таква идеја од други православни цркви ќе значи нивно признавање дека Москва и Русија се центар на православието. А тоа значи дека се подредени, дека РПЦ е доминантна и дека нејзиниот збор е главен. А православните цркви, нели, се рамноправни и еднакви – додава аналитичарот.
Ѓорѓевски не смета дека многу православни цркви би застанале зад оваа идеја.
Идејата за третиот Рим сѐ уште е жива
Најголемиот дел руски црковни власти сметаат дека на Русија и на Руската црква легитимно им припаѓа правото да има нов современ светски центар на православието. Таа идеја датира уште од времето на основањето на руската монархија. Еден од најпознатите вообичаени називи за Москва, кој има корени уште од средниот век, е токму Третиот Рим, што во основа значи Москва – наследничка на Рим и на Константинопол.
Првпат Москва е наречена Третиот Рим од православниот монах Филотеј.
Првиот Рим е вистинскиот Рим, главниот град на Римската Империја, кој по појавата на христијанството станува христијански главен град на светот. Тој е наследен од Константинопол, главниот град на Византиската Империја, каде што по расколот на христијанската црква на католичка и православна (1054 година) се вкоренува православието.
Што е Сергиев Посад?
Сергиев Посад е местото каде што се наоѓа манастирот „Тројца – Сергиева лавра“, кој се смета за духовен центар на Руската православна црква, со желба да стане „главен град на православието“. Манастирот во 1345 година го основал еден од најславените руски светци, свети Сергеј Радонешки, кој изградил дрвена црква во чест на Светото тројство на ридот Маковец. Статусот на лавра, односно манастирска населба, манастирот го стекнал во 1744 година. Руската црква сега планира околу манастирот да изгради голем комплекс згради, а за тоа постои и проектна документација на 300 страници, а како инспирации за проектот се наведени Ватикан, Ерусалим и Мека.