Претседателот на Владата, Зоран Заев, и министерката за образование и наука Мила Царовска, придружени од градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев се обратија по повод првиот училишен ден во основното училиште „Јан Амос Коменски“ во Карпош.
По тој повод премиерот истакна дека денешниот ден е посебно радосен и возбудлив за првачињата и е еден од нивните најзначајни денови во животот.
– Овој ден денеска е посебен, ден што ќе го паметите целиот ваш живот. Убеден сум дека вашите родители во очекување на овој ден ви го раскажувале и нивниот прв училишен ден. Сите го паметиме. Тоа е првиот ден од илјадниците денови што ќе ги поминете во училиштето во кое ќе ви се случат некои од најважните работи во животот. Тука ќе учите. Тука ќе ги направите некои од пријателствата што ќе ви траат низ целиот живот.Тоа е училиштето. Тоа е местото што од сега натаму ќе го посетувате секој ден за да стекнувате многу знаење. Знаењето што ќе го примате и совладувате со вашите умни главички, во ова училиште, и во другите училишта подоцна, ќе ви помогнат да бидете лекари, градители на највисоки згради и на најубави мостови, ќе ви помогне да бидете најдобри сликари, балерини, новинари, глумци и сѐ што ќе посакате вие да бидете во животот – рече Заев во обраќањето.
Тој нагалси дека оваа школска година што не е како ниту една од претходните, па така, поради пандемијата од коронавирусот, оваа година вон училиштата ќе се спроведуваат мерки за заштита на здравјето на децата и на наставниците.
– Сите мора да бидеме солидарни и да покажеме разбирање во целиот овој процес. Ако сите се придржуваме до мерките полесно ќе ја поминеме оваа училишна година и на тој начин ќе се погрижиме таа да биде единствена и последна ваква. Вие децата сите сте многу паметни и љубопитни. Тоа е многу добро. И секогаш да си бидете љубопитни. Јас сум убеден дека токму заради вашата љубопитност вие сите веќе знаете зошто ќе треба да носите маски, да се дружите малку пооддалечени еден од друг и редовно и почесто да ги миете рацете. На тоа ќе ве потсетуваат вашите наставнички и наставници, а вие ќе бидете умни и ќе ги следите нивните совети. Постојано носете маски, одржувајте растојание со другарчињата и често миење на рачињата. Ова да си го повторуваме секој ден, и секој ден да ги потсетуваме своите другарчиња – порача Заев, честитајќи го првиот училишен ден.