Фото: Игор Бансколиев

Седумдесет и пет години од Првата конференција на АФЖ на Македонија

На 14 декември 1944 година во Скопје се одржа конститутивната конференција на Антифашистичкиот фронт на жените во Македонија. Низ годините и Народноослободителната борба македонската жена израсна во нов тип жена. Списанието „Нашиот пат“ од ноември 1944 година пишува дека дотогаш таа „не смееше да застане при мажите кога тие зборуваа, а денес во тие исти македонски села седи како рамноправна членка. Врвејќи по патот по кој оди целиот македонски народ во денешната народноослободителна борба, македонската жена доби полна рамноправност“…

Македонската држава беше создадена на Првото заседание на АСНОМ, кое се одржа на 2 август 1944 година, во манастирот „Св. Прохор Пчињски“, кога беа донесени неколку историски одлуки, меѓутоа АСНОМ и македонската држава се исход на Народноослободителната борба и победата против фашистичките окупатори во периодот помеѓу 1941 и 1944 година. Исто така не треба да се заборави дека НОВ беше само продолжение на вековната борба на македонскиот народ за сопствена држава. Во борбата против германските, италијанските и бугарските воени и полициски сили учествуваа голем број жени, кои извршуваа разни должности и се истакнаа со своите способности и смелост. Жените со своето учество во Народноослободителната борба наедно ги извојуваа и своите права во општествено-политичкиот живот на Македонија, жените станаа фактор што одлучуваше за битни прашања во државата. Во пресрет на 75-годишнината од создавање на Антифашистички фронт на жените на Македонија (АФЖ), сакаме да потсетиме на значењето на жената во Народноослободителната борба на македонскиот народ и создавањето на македонската држава.

Настан вграден во македонската државност и јубилеј што треба да се памети!

На 14 декември 1944 година во Скопје се одржа конститутивната конференција на Антифашистичкиот фронт на жените во Македонија. Во работата на конференцијата учествуваа голем број жени од Македонија, претставници на Президиумот на АСНОМ, претставници на англоамериканската воена мисија при Главниот штаб на НОВ, претставници од НОФ и делегатки од другите југословенски републики. Конференцијата беше отворена со говорот на народниот херој Мара Нацева, а членката на Иницијативниот одбор на АФЖ, Веселинка Малинска, поднесе реферат на темата „Денешните задачи на АФЖ на Македонија“. Малинска беше најистакната личност во АФЖ (учесничка во НОБ и АСНОМ, нејзиниот татко учествувал во Илинденското востание, исто така беше главна и одговорна уредничка на весникот „Нова Македонија“ и извршуваше повеќе високи политички должности во Македонија).

Антифашистичкиот фронт на жените своите раководни тела ги создаде на 15 декември, кога беше избран главен одбор, оставен од извршен одбор, со претседателство и членови и пленум. Претседателството се состоеше од претседателката Васка Циривири (мајка на две ќерки борци што загина во Народноослободителната борба – Вера и Тодорка Циривири), првата потпретседателка Лефта Јосифовска (тетка на загинатата партизанка Мара Јосифовска и народниот херој Кузман Јосифовски-Питу), втората потпретседателка Мара Нацева, секретарката Веселинка Малинска и 26-те членки на Извршниот комитет.

Официјален орган на АФЖ за Македонија беше списанието „Македонка“, а печатењето на првиот број на списанието започна во селото Горно Врановце, Велешко, во печатницата „Гоце Делчев“. Уредничка на „Македонка“ беше Веселина Малинска, а меѓу соработниците беа Нада Богданова, Ленче Иванова, Нада Ачкова и др. Насловната страница и илустрацијата беа изработувани од уметникот Василије Поповиќ-Цицо.

Херојството на Блага Рампова

На 8 септември 1942 година, бугарските полициски сили спроведоа една поширока акција во Прилеп, со намера да ги откријат нелегалните партизански единици. При претресот на една од куќите дошло до оружена престрелка во чиј тек бил убиен Благој Хр. Јовчев (борец во партизанскиот одред Димитар Влахов), меѓутоа престрелката не завршила тука. Според сведоштвото на припадникот на бугарската полиција Јордан Димитров, по еден миг од визбата на соседната куќа, која била речиси срушена, излегло едно девојче (Блага Рампова, членка на Прилепската партиска организација и илегална членка), кое во раката држело пиштол. Набргу потоа девојчето се засолнило во една турска куќа. Според Димитров, бугарскиот полициски началник ѝ наредил на сопственичката на куќата да му пренесе на девојчето да се предаде, меѓутоа Блага Рампова одбила со зборовите: „Бегај, јас ќе ги отепам, но нема да се предадам“ и почнала да стрела. Бугарските полициски сили одговориле со стрелба и фрлање бомби кон куќата, но Рампова повторно одбила да се предаде. По 15 минути, бугарските полициски сили влегле во куќата и ја пронашле полумртва, по што ја спровеле во полициската станица.

Жени народни херои од Македонија

Со орденот „Народен херој на Југославија“ беа одликувани шеесет и шест лица родени во Македонија, учесници во Народноослободителната борба. Меѓу нив има и седум жени: Вера Ацева (учесничка во НОБ, членка на ЦК на КПЈ, министерка во неколку влади на Македонија), Оливера Вера Јоциќ (македонска првоборка, загинува во 1944 година, и воспеана во песната „Очи“ од Ацо Шопов), Елпида Караманди (по потекло Влаинка, припадничка на битолскиот партизански одред „Пелистер“, загинува во борба со бугарската полиција и војска во 1942 година, опеана е во песната „Таму ле, мајко, близу Битола“), Фана Кочовска-Цветковиќ (припадничка на битолскиот партизански одред „Гоце Делчев“, младинска раководителка на баталјонот „Стив Наумов“, учесничка во Февруарскиот поход и најмлад прогласен народен херој на Југославија), Мара Нацева (членка на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија, во летото 1942 година е уапсена од страна на бугарската полиција и интернирана во логорот за жени во близната на Асеновград, делегатка на АВНОЈ и АСНОМ, по создавањето на македонската држава извршува повеќе високи политички функции), Естреја Овадија-Мара (по потекло Еврејка, припадничка на партизанскиот одред „Даме Груев“, партизанскиот одред „Гоце Делчев“ и други единици на НОВ, заменик-политичка комесарка на чета при Третата македонска ударна бригада, политичка комесарка на баталјон при Седмата македонска бригада, загинува во 1944 година во близината на Кајмакчалан во борба со бугарската војска, во центарот на Битола постои нејзина биста, а во нејзина чест е именувана и една улица во Ерусалим, Израел), Ибе Паликуќа (по потекло Албанка, заменик-комесарка на чета при Четвртата албанска бригада на НОВ, загинува во борба со балистите во 1944 година, во нејзина чест основното училиште во Бојане, Скопско, го носи нејзиното име, како и улица во општината Ѓорче Петров).