На публицистите Тошо Филиповски и Томислав Кежаровски и на новинарите Аделина Марку и Марјанчо Николовски денеска им беше врачена државната награда „Мито Хаџи Василев-Јасмин“.
Претседателката на Одборот за доделување на наградата Катерина Блажеска на денешното доделување на наградата во Собранието, посочи дека на конкурсот пристигнале голем број квалитетни публицистички и новинарски трудови, што нивната задача во Одборот ја направиле тешка, но во исто време возбудлива, интересна и предизвикувачка.

-На денешен ден, 21 декември, е роден македонскиот публицист и големо новинарско перо во времето во кое творел и живеел. Следната година ќе одбележиме сто години од неговото раѓање. И самата награда е влезена во петтата деценија од нејзиното доделување и нема новинар и публицист кој не би сакал во свои раце еден ден да го има ова големо и престижно признание. Токму затоа, и ние од Одборот не бевме изненадени кога на конкурсот пристигнаа голем број трудови, жанровски и тематски различни – рече Блажеска.


Таа напомена дека одлуката ја донеле со многу високо мнозинство, и појасни дека наградата е чест, но уште повеќе обврска.
-Ги гледам добитниците на наградата, и ќе повторам еден факт. Наградата е чест, но уште повеќе обврска. Тоа ќе ви го кажат сите претходни добитници на ова престижно признание, а во тоа ќе се уверат и денешните добитници – додаде претседателката на Одборот.
Таа им ја честита наградата на добитниците и им посака успешна и плодна работа, во која единствена водилка и понатаму ќе им биде и остане етичкатате и професионална поврзаност.
Публицистот Тошо Филиповски се заблагодари за наградата и додаде дека и без и со наградата, ќе продолжи со страст да работи и создава во македонската историја.
Тој им честита на добитниците за наградата и им се заблагодари за се што создадоа и ќе продолжат да создаваат.
-Јас не сум новинар, многу повеќе ќе сум истражувач, документарист, архивар, а најмногу од се само еден страствен заљубеник во македонскиот рокенрол. Затоа, дозволете ми промена, дозволете ми слобода. Сепак постои утро за мене. Почитувајќи го трудот на колегите лауреати, верувам дека низ овој мој краток говор ќе успеам да посочам на неколку заеднички вредности кои ги споделуваме и кон кои сите заедно целиме, вредности кои ова наше општество можат да го направат подобро место за живеење, ако не за нас кои станевме тогаш за они кои по нас ќе дојдат. Не ни треба дневна доза политика, туку само малку разум, чувства и човечка добрина – рече Филиповски во своето обраќање по врачувањето на наградата.
Томислав Кежаровски во своето обраќање денеска напомена дека доделената награда за него е признание, но и обврска да продолжи понатаму уште поцрвсто, уште порешително и поенергично во справување со неправилностите во општеството.
-Трагањето по вистината, барањето правда, борбата со криминалните работи во институциите не е баш благодарна работа. Тоа е тешко и макотрпно, и бара жртви. За жал, јас и семејството бевме дел од тоа. Во втората книга уште повеќе ке дообјаснам каде се, и со што се се соочив – рече во обраќањето публицистот Кежаровски.